Опозицијата подготвува тужба за Џонсон во случај да одбие да побара ново одложување од Брисел

Дел од пратениците во британскиот парламент вклучувајќи ги и избрканите Ториевци подготвуваат тужба во случај премиерот Борис Џонсон одбие да побара ново одложување на Брегзит. Вчера Палраментот го изгласа законот со кој се забранува напуштање на унијата без претходно постигнат договор со Брисел, што го обврзува премиерот да побара нов одложување од Брисел доколку не постигне договор до 17 октомври.

Еве го премиерот, или ќе ја прифати вољјата на парламентот или не. Ќе биде презрен од парламентот и ќе има последици поради тоа. Мора да ги следи инструкциите кои парламентот му ги дава, вели Ијан Блекфорд пратеникот на Шкотската народна партија.

Но Џонсон вели дека попрво „би легнал мртов во некој ендек“ отколку да побара ново одложување.

Ќе одам во Брисел, ќе постигнам договор и ќе направиме се за да излеземе на 31 октомври. Тоа ќе го направиме, вели Џонсон.

Џонсон неделава претрпе неколку тешки порази во парламентот и се започна откако најави дека ќе го суспендира законодавниот дом на неколку недели во септември и октомври. 20-тина пратеници од неговата партија се спротиставија и им помогнаа на опозицијата да ја преземе контролата врз агендата на парламентот, што пак дозволи да биде ставен на гласање и изгласан законот против Брегзит без договор. Премиерот сега има неколку опции да излез од кризата која сам си ја создаде и речиси половина од нив вклучуваат предвремени избори пред самитот на ЕУ во октомври. Но опозицијата веднаш одби избори под вакви околности.

Само ќе го зајакнеме ако му дозволиме предвремени избори а зајакнувајќи го и давајќи му предвремени избори ќе овозможиме Брегзит без договор. Тоа е нашиот приоритет број еден, да не дозволиме Брегзит без договор, оценува лидерката на Велшката партија Лиз Савил Робертс.

Опозицијата предупредува дека Џонсон ќе постави опасен преседан ако одбие да ја исполни вољјата на парламентот. Медиумите на Островото исто така пренесуваат дека дел од министрите во кабинетот се загрижени поради недостатокот од вистинска стратегија околу процесот за напуштање на унијата во период кога времето брзо истекува.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ