Опозицијата бара победа во Истанбул на повторените локални избори

Жителите на Истанбул денеска повторно излегуваат на гласачките места за да го изберат својот нов градоначалник, откако победата на опозицискиот кандидат во Март беше поништена.

Екрем Имамоглу победи со разлика од 13 000 гласови, по што владеачката партија на правдата и развојот на турскиот Претседател, Реџеп Таип Ердоган, обвини за изборни нерегуларности.

Граѓаните очекуваат овој пат резултатот од изборите овој пат да не биде оспоруван од никого.

“Во атмосфера на силен притисок врз слободата на изразување и на новинарството, изборите се малку симболични. Работите кои сакам да се променат, покрај потребата од потранспарентна влада јас исто сакам независно владеење на правото и почитување на правата. Никој од нас не е сигурен дека законите и нашите права се почитуваат. Не сум сигурна дека ќе добијам правда ако ми биде нанесена штета. Сакам овие работи да се променат. Избраните се само наши претставници. Најважно е дека овој менталитет треба да биде променет” – вели една жителка на Истанбул.

Имамоглу вети дека ќе се бори за демократијата а анкетите навестуваат дека и по втор пат ќе го победи поранешниот Премиер и близок сојузник на Ердоган, Бинали Јилдирим.

Прегласувањето во Истанбул се толкува како јасен сигнал дека Ердоган не е подготвен,  за прв пат по 25 години, да ја изгуби контролата во 15- милионскиот економски и културен центар на Турција.

Самиот Ердоган во 1994-тата година беше градоначалник на Истанбул и во минатото повеќе пати изјавуваше “кој победува во Истанбул, победува и во Турција”.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ