Одбиени кандидатурите на Ласло Трочањи и Рована Плумб

Мнозинството членови во Комисијата за правни прашања гласаше против кандидатурата на унгарскиот кандидат за комесар, Ласло Трочањи, поради конфликт на интереси. Поради слична причина комисијата ја одби и кандидатурата на романката Рована Плумб откако и двајцата кандидати биле повикани на сослушување на кое требало да дадат појаснувања во врска со нивните финансии.

Одобрувањето на кандидатурите од страна на Комисијата за правни прашања, според европските правила е суштински предуслов за одржување на сослушувањата во Европскиот парламент и конечниот избор на новите кандидати. Ова е прв случај комисијата да одбие кандидатура на предложен комесар, но според Европската комисија тоа не значи автоматско номинирање на нови имиња.

Тоа што значи е дека процедурата е суспендирана за еден предложен кандидат за комесар, во однос на сослушувањето. Втората работа што ја кажав е дека процедуралните правила на ЕП предвидуваат таква суспензија и предвидуваат неколку можности што може да биде направено во овој контекст. И повеќе од јасно е дека што и да биде дискутирано ќе биде направено во блиска координација со идната претседателка Фон Дер Лајен.

изјави портпаролката на ЕК Мина Андреева

Кандидатурата за Комесар за транспорт на Плумб е одбиена бидејќи пред Европскиот парламент не пријавила дека имала земено кредит во висина од 1 милион евра, искористени за финансирање на изборна кампања, додека Трочањи одговараше за адвокатската фирма која ја основал пред да влезе во владата на Орбан како министер за правда.

Трочањи издаде писмено соопштение по состанокот со комисијата во кое обвини дека е донесена политичка одлука во отсуство од било каква основа на факти и ќе ги преземе сите правни чекори против неа.

Потпретседателот на Комисијата, Сергеј Лагодински, потврди дека била одобрена кандидатурата на сите останати 24 кандидати. Интересно е што зелено светло од комисијата добиле белгиецот Дидиер Рејндерс кој беше номиниран за портфолиото правда и французинката Силви Гулард за индустриска политика и дигитален единствен пазар, кои во моментов се под судски истраги во своите земји.

Во Брисел на ова се гледа како прв поголем неуспех на Фон Дер Лајен затоа што повеќе од извесно е дека за овие две портфолиа ќе мора да бара нови кандидати.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ