
Обраќањето на Макрон потврди дека „Жолтите елеци“ изнудија целосна промена во економската политика на владата
По четири недели насилни протести и вандализам, синоќа францускиот претседател Емануел Макрон призна дека и тој самиот придонел кон растечкиот гнев во француското општество. Во телевизиското обраќање до нацијата Макрон вети дека државата во иднина ќе се труди повеќе да им го олесни животот на граѓаните, особено на тие кои имаат најголема потреба од тоа.
Прво сакам да прогласам економска и социјална вонредна состојба. Сакаме да изградиме Франција на заслуги и работа, Франција во која нашите деца ќе водат подобри животи од нашите, порача Макрон.
Најави зголемување на минималната плата за 7 проценти и трошоците за тоа покачување ќе ги покрие државата на место работодавците, укинување на оданочувањето на дополнителните работни часови и укинување на даноците за пензионерите со ниски примања. На кратко Макрон побара од Парламентот да преземе итни чекори за да ја промени даночната политика која удира по џебот на работничката класа во Франција.
Доминик Мојси – Институт Монтања
Тој се надева дека доколку се се рестартира, ако се врати растот, по зголемувањето на дефицитот, тој ќе се намали повторно, но одеднаш почитувањето на стрикните ограничувања наметнати од Брисел повеќе не беа негов приоритет, вели Доминик Мојси од Институтот Монтања.
Предлозите на Макрон јавноста ги оцени како добри, но сепак задоцнети.
Мислам дека нема да направи вистинска промена во животот на луѓето во Франција а причините поради кои тие протестираа последниве недели, на некој начин, проблемите постојат веќе повеќе години, вели Оливие Блонду кој живее во Лил но работи во Париз.
Протестите започнаа минатиот месец предводени од „Жолтите елеци“, против наглото зголемување на цената на горивата. Четири недели подоцна движењето стана едно од најуспешните во модерната историја. Без формална листа на барања „Жолтите елеци“ изнудија целосна реориентација на француската социјална и економска политика.
Игор Трајков