
Обемот на активности на „Кембриџ Аналитика“ надалеку ги надминува американските избори
Американските избирачи имаат голем број прашања за евентуалната улога на „Кембриџ Аналитика“, компанија за обработка на податоци со седиште во Лондон, при изборот на Доналд Трамп за претседател на САД во 2016 година, пишува Вашингтон Пост.
Компанијата, која за време на предизборната кампања вршела консултански услуги за Трамп, во петокот беше обвинета од весниците „Њујорк Тајмс“ и „Обзервер“ дека на несоодветен начин ги користела податоците на корисниците на Фејсбук, поради што социјалната мрежа и забрани пристап до нејзината платформа, а британските власти побараа да даде објаснување.
„Кембриџ Аналитика“ меѓутоа можеби не е проблем само за Американците и Британците. Компанијата тврди дека работела во голем број земји, вклучително и во Австралија, Бразил, Кенија, Малезија и Мексико, поради што политичари од некои од овие земји побараа да се поведе истрага за нејзините активности.
Листата на држави во кои дејствувала компанијата ја објавија нејзини претставници, кои биле измамени од новинар на британската телевизија „Ченел Фор“. Новинарот се претставил како потенцијален клиент во име на богато семејство од Шри Ланка што сака да го зголеми своето политичко влијание. На серијата средби што се одржале во период од четири месеци претставници на „Кембриџ Аналитика“ на новинарот му презентирале податоци за нејзините активности ширум целиот свет.
Иако критиките кон „Кембриџ Аналитика“ се насочени пред се на злоупотребата на податоци обезбедени преку социјалната мрежа Фејсбук, извршниот директор на компанијата Александер Никс на видео снимка се обидува да го оправда изнудувањето на поткуп со помош на сексуално компромитирачки материјали, како средство за спроведување на нечии интереси.
– Ви се молам не обрнувајте претерано многу внимание на тоа што ви го кажувам. Јас само ви наведувам примери што може да направиме и што сме направиле, вели Никс пред новинарот на „Ченел Фор“, додека пијат кафе во еден хотел во западен Лондон.
„Кембриџ Аналитика“ е основана во 2013 година, но таа е поврзана со британската компанија „Ес-Џи-Ел Груп“, која е формирана во 1993 година. На интернет страницата на Ес-Џи-Ел се наведува дека таа „спроведувала програми за промена на мислењето во над 60 земји“. Компанијата тврди дека врши услуги во обработка на податоци и подготовка на анализи и стратегии на „владини и воени структури во целиот свет“.
Ес-Џи-Ел пред пет години ја формирала „Кембриџ Аналитика“ за да се вклучи во американската политика. Сопственик на компанијата е Роберт Мерсер. американски менаџер на хеџ фонд и милијардер. На интернет страницата на компанијата меѓутоа е наведено дека освен во САД и Велика Британија, таа има свои претставништва и во Малезија и Бразил, што укажува дека нејзините активности излегуваат од американските граници.
Веќе беше спроведена истрага во врска со улогата на „Кембриџ Аналитика“„ на ланските избори во Кенија, кои беа проследени со насилство и хаос. Компанијата одбиваше да потврди каква е нејзината улога во Кенија, а на нејзината веб страна е посочено само дека вршела анализи на податоци и истражување на јавното мислење за време на изборите во 2013 година.
Но, на видео снимките направени со скриена камера од страна на Марк Трнбул од „Ченел Фор“, административниот директор на „Кембриџ Аналитика“ тврди дека компанијата „раководела“ со предизборната кампања на кенискиот претседател Ухуру Кенијата во 2013 и 2017 година.
– Два пати го променивме имиџот на целата партија, и напишавме нова програма и за нејзини потреби извршивме 50 илјади истражувања, вели Трнбул на снимката, додавајќи дека компанијата „била вмешана буквално во секој елемент на кампањата“.
Кенијата победи на изборите во август минатата година, чии резултати беа оспорени од опозицијата и беа поништени од Врховниот суд на Кенија. Кенијата во октомври победи на повторените избори, на кои неговиот противкандидат Рејла Одинга одби да учествува . Како и во претходните години околу изборите имаше протести и насилство, во кој загинаа најмалку 92 Кенијци.
Ланските избори ќе бидат запомнети по користењето реклами за политички напади на социјалните мрежи, кои се наметнаа како нов влијателен медиум во Кенија. Хуманитарната организација регистрирана во Лондон, „Прајваси Интернешнел“ тврди дека водењето на такви кампањи преку интернет во полза на Кенијата било помогнато од американска компанија од дигиталниот сектор по име „Харис Медија“.
Слично како и „Кембриџ Аналитика“ и „Харис Медија“, компанија со седиште во Тексас, била вклучена во кампањата на Трамп во 2016 година, но и на екстремнодесничарски партии во Европа, како што е Алтернатива за Германија.
Некои од лидерите на кениската опозиција бараат да биде спроведена истрага за мешањето на „Кембриџ Аналитика“ во политиката во Кенија, што веројатно ќе поттикне и други држави да ја проверат нејзината улога во нивните избори.
Малезискиот премиер Наџиб Разак ги отфрли тврдењата дека неговата Влада соработувала со „Кембриџ Аналитика“ и го обвини синот на неговиот противник Махатир Мохамед дека ги користел услугите на компанијата. Австралиските политички партии исто така, негираат дека ги користеле услугите на компанијата, иако еден поранешен министер во чиј ресор била кибер безбедноста, за телевизијата Ес-Би-Ес изјави дека имал „приватна вечера“ со Никс и други претставници на „Кембриџ Аналитика“.
Во Индија исто така, се врши детален преглед на активностите на Ес-Џи-Ел за време на изборите за Собранието на државата Бихар во 2010 година. Весникот „Хиндустан Тајмс“ во петокот објави дека во пресрет на индиските парламентарни избори предвидени за следната година, „Кембриџ Аналитика“ и нејзин партнер во Индија разговараат, како со владејачката Индиска народна партија (БЈП), така и со водечката опозициска сила, Индискиот национален конгрес (ИНЦ).
Целокупниот обем на овие активности за сега не е познат. Но, снимките што ги објави „Ченел Фор“ укажуваат дека „Кембриџ Аналитика“ користела „една организација за реализација на многу успешен проект во една источнаевропска земја“. Таа организација „се појавила, ја завршила предвидената работа, исчезнала и оставила навистина добар материјал“. Во снимката не е посочено за која држава станува збор.
Никс кон крајот на минатата недела ги негираше наводите што ги објави „Ченел Фор“ тврдејќи дека неговите снимени изјави за поткупи и други злоупотреби претставуваат „измислени хипотетички сценарија“ со цел да се придобие потенцијалниот клиент.
Во вакви услови сега неизбежно ќе се посвети поголемо внимание на активностите на компанијата ширум светот. Последици може да има и по компаниите, како што е „Фејсбук“, кои и помогнале на „Кембриџ Аналитика“ да дојде до податоци за избирачите од целиот свет.