
Обединетото Кралство и кажа збогум на ЕУ
Едните на прослава, другите на бдеење. Со официјалниот излез на Велика Британија од Европската унија не исчезнаа магично поделбите кои станаа толку карактеристични за островот. Подржувачите на Брегзит денеска оптимисти.
Мислам дека ќе биде тешко на почетокот, но мислам дека ќе успееме. Можеби ќе ни биде потребна една година, можеби две, но знаете што? Мириса на слобода, вели подржувач на Брегзит.
За противниците на Брегзитот пак, изгледа како да дошол крајот на светот.
Целиот мој живот бевме во ЕУ. Мојот татко, дедо ми се бореа во војните во Европа. Мислевме дека е готово, мислевме дека ќе бидеме обединет континент во мир, во хармонија. Сега се чуствува, не како да одиме во војна, но не се чуствува мирот како што треба.
Преку каналот владее иста атмосфера, но таму за разлика од островот сепак гледаат мала надеж. Францускиот претседател им порача дека како што Ла Манш не успеал да го одржи разделени, тоа исто така нема да му успее и на Брегзит. Одговарајќи на пораката проектирана на карпите од англискиот брег во Довер, Ги Верхофштад напиша дека Брисел ќе ја чува нивната ѕвездичка и ќе се погрижи ЕУ да стане проект кон кој многу брзо повторно ќе посакаат да се приклучат. Некогашните лидери на Брегзит, кои синоќа во Лондон си ја добија својата победничка парада, членството во унијата, се чини го сметаа повеќе како ропство.
Треба да славиме затоа што се ослободивме од ограничувањата на ЕУ, повторно сме во можност да си го пронајдеме своето место во светот. Ќе можеме повторно да се поврземе со Комонвелтот, со Америка, со нашите пријатели ширум светот, тврди Фараж.
Премиерот Борис Џонсон, исто така еден од лидерите на Брегзит, поради функцијата мораше да одржува дипломатски тон и синоќа порача дека започнува нова ера, нова зора за Обединетото Кралство. Но всушност во текот на 11 месеци од транзицискиот период ги очекуваат макотрпни преговори, во кои нема да биде изненадување топлите и пријателски пораки при разделбата вчера, да се претворат во цинични и зајадливи коментари. 31 декември е последната безбедносна европска мрежа за Обединетото кралство, додека Брисел ја тргне, Лондон мора да биде подготвен.
Игор Трајков