Обединетото Кралство и ЕУ постигнаа нов договор за Брегзит

Преговарачките тимови на Обединетото кралство и ЕУ постигнаа договор за Брегзит пред почетокот на самиот на европските лидери во Брисел.

Британскиот премиер Борис Џонсон на твитер објави: “Постигнавме одличен нов договор со кој ја враќаме контролата во своите раце”.

Задоволство од постигнатиот договор изрази и претседателот на ЕК во заминување, Жан Клод Јункер.

Разговарав два пати со премиерот Џонсон два пати утринава на телефон и го заклучивме договорот. Добро направено. Дали ќе помине низ британскиот парламент, што мислите?

Не сум одговорен за британскиот парламент. За среќа не сум одговорен”- изјави претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.

Двете страни засилено го подготвуваа правниот текст на договорот, но за да стапи на сила тој сега треба да ја добие поддршката на британскиот и европскиот парламент.

Ако во европскиот парламент поддршката може да се очекува, сосема спротивна е ситуацијата во Лондон.

10-те пратеници на Демократската партија на Унионистите (ДУП) најавија дека нема да гласаат за договорот на Џонсон а без нивната поддршка шансите тој да добие мнозинска поддршка се речиси непостоечки.

Лидерот на лабуристите , Џереми Корбин подвлече дека планот на Џонсон е полош и од договорот кој го постигна Тереза Меј. 

Од она што го прочитавме за овој договор, не ги задоволува нашите барања или очекувања. Тој создава граница на ирското море меѓу Британија и Северна Ирска и повторно создава трка кон дното во правата и заштитата на британските граѓани, како и опасност за продажба на нашите национални капацитети на американските корпорации” – вели лидерот на лабуристите, Џереми Корбин

Прашањето за идниот статус на Северна Ирска и односите со ЕУ по Брегзитот беше и остана најтешкото прашање во преговорите.

Проблемот со С.Ирска, проценува аналитичарката Џил Рутер од тинк тенкот “Обед.Кралство во Европа која се менува”, е во фактот дека простите мнозинства не функционираат, затоа што тоа би значело дека едната заедница би можела да ги наметнува своите позиции постојано.

Затоа националистите, луѓето кои сакаат да бидат во обединета Ирска би кажале да на договорот кој го остава Об.кралство многу тесно поврзано или Северна Ирска многу тесно поврзана со ЕУ. Но, унионистите, кои иднината на С.Ирска ја гледаат како цврст дел од Об.кралство тоа нема да го поддржат – оцени Џил Рутер.

Британските медиуми пренесуваат и дека Џонсон на самитот во Брисел ќе побара од Европските лидери да ги отфрлат сите барања за ново одложување на крајниот рок за Брегзит од 31-ви Октомври.

Ваквото барање на Џонсон би било во директен судир со законот кој во Септември го усвои долниот дом на британскиот парламент.

Со него премиерот Џонсон, до 19-ти Октомври мора да побара ново одложување на рокот за Брегзит, доколку до таа дата, пратениците не усвојат договор за Брегзит или не го поддржат напуштањето на ЕУ и без договор. 

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ