
Њујорк бара помош од федералната влада, 20 милиони Американци без работа
Њујорк која е и најпогодената американска сојузна држава денеска побара федерална финансиска помош за справување со кризата од пандемијата на коронавирусот. Градоначалникот на Њујорк Бил Де Блазио изјави дека според моменталните проценки, само градот во следните 15 месеци ќе изгуби дури 7,4 милијарди долари во даночни приходи. Блазио го повика претседателот Трамп да му помогне на својот роден град посочувајќи дека очите на 8,6-те милиони жители на градот се вперени кон Белата куќа.
Федералната влада побрза да ги спаси банките пред една деценија, без никакви приговори. Федералната влада побрза да ја спаси автоиндустријата. Што е со спасувањето на најголемиот град во земјата? Што е со спасувањето од епицентарот на оваа криза каде луѓето страдаат? Тоа е тоа што нашата федерална влада треба да го направи, порача Де Блазио.
На ниво на целата земја до сега има 667.000 заболени а бројот на починати се приближува до 34.000, што ги прави САД најпогодената земја во светот. Објавувајќи ги податоците за економските последици од пандемијата, американското министерство за труд, соопшти дека до крајот на минатата недела, повеќе од 20 милиони Американци побарале бенефиции за невработеност. Како споредба, според американските медиуми, на компаниите им беше потребна цела деценија за да создадат толку работни места. Според проценките на повеќето економисти и консултантски куќи во САД до крајот на мај ќе има околу 37 милиони невработени во земјата.
Италија е втората најпогодена земја по бројот на смртни случаи со дури 22.170 починати. Денеска нејзиниот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо порача дека светот ќе се врати во нормала само откако ќе биде пронајдена вакцина.
Кога една држава повеќе не знае каде да ги стави ковчезите, значи дека поминува низ тешок период во историјата од кој ќе биде тешко да се врати назад, оцени Ди Мајо.
Состојбата продолжува да се подобрува во Италија, Шпанија, Франција и Германија, но Велика Британија ја продолжи вонредната состојба за уште најмалку три недели откако денеска беа регистрирани дури 861 смртен слуачи и повеќе од 4.500 новозаболени.
Игор Трајков