Новинарите – први жртви на лажните обоени револуции во БиХ

Во предизборни години и за време на изборни кампањи, традиционално, прво страда вистината, а паралелно со неа и новинарите.

А, во земјите од Западен Балкан, тоа е веќе дел од изборниот фолклор, во кој, наводните обоени револуции, како закана за уривање на режимот, се први на сите топ листи на власта во нејзината борба за свој опстанок.

Посебен проблем е што во овие петпарачки приказни, евтини теории на заговор, последниве години, заплетите станаа потенцијално смртоносни, првенствено за новинарите, како и за останатите кои се осудуваат да ја критикуваат власта.

Највисоките носители на власта, како претседателот на Република Српска Милорад  Додик, јавно, со име и презиме, ги прозива новинарите, обвинувајќи ги дека се наводни странски шпиони.

„Дополнителен проблем е што тие изјави, со оглед на тоа што доаѓаат од највисоките носители на власта, стануваат општествено прифатливи“, предупредува главната и одговорна уредничка на БН телевизија Сузана Раѓен-Тодориќ.

Токму тоа прифаќање на невистините и манипулациите на власта, збогатени со имињата на нејзините критичари, е вербален куршум, неретко и вербален рафал насочен кон новинарите, и само прашање на време е, поради напнатата ситуација во БиХ и во Република Српска, кога вербалното ќе се материјализира во оловно. И кога новинарите смртно ќе настрадаат.

„За жал ова не е прв, а веројатно ниту последен пат тој да се однесува така кон новинарите и кон медиумите. Сешто се нагледавме. Она што е многу важно, сега, кога кулата од карти се тресе, е дека тие изјави се се почести и дека заканите и притисоците се се поголеми“, оцени Жељко Раљиќ, уредник на порталот „Вистинито“ и новинар на БНТВ.

Од долгото мени на обоени револуции на владејачкиот режим на Милорад Додик, силно зачинети со закани кон поединци и кон цивилниот сектор, со месеци, најпродавана е наводната закана која доаѓа од Велика Британија, олицетворена во 40 разузнавачи, кои, како што тврди власта, стигнаа да прават дигитално-оружен хаос. Со нив, како прилог, е сервиран и извесен, реално непостоечки, Британски деловен клуб, како финансиер на проектот.

Заминувањето на двајца новинари во Лондон, нивното учество во програмата Fellowship, кој подразбира обиколка на редакциите на тамошните влијателни медиуми, владејачката структура на Република Српска го означи како директен удар врз темелите на овој ентитет.

„Факт е дека двајца важни новинари на БН телевизија поминаа неколку дена на обуки во Лондон, кај некои структури и се знае зошто е тоа направено. Ќе ви кажам кој беше, ако треба. Госпоѓа Раѓен и овој Раљиќ, од тука, од Бања Лука. Сето тоа ние го знаеме  и го гледаме. На кој начин се води политичката борба“, изјави Додик на прес-конференција на 29 јуни во Бања Лука.

„Кога претседателот на Република Српска, како највисок носител на власта во Република Српска изјави дека новинарите биле не некоја обука во странство и сето тоа го доведува во контекст на предавничко дејствување против Република Српска, тогаш тоа е напад врз новинарите и цртање мети на грбот на новинарите. И сосема е нормално, после таквите изјави да се чувствувате загрозено“, вели Раѓен-Тодориќ.

„Би сакал претседателот на Републиката да беше барем малку посериозен. Несериозно е да кажете дека 40 британски разузнавачи ми се јавуваат мене и на колешката Сузана Раѓен-Тодориќ, кога доаѓаат во Република Српска. А, и сите 40 да доаѓаат во Република Српска е жално, а не смешно. Многу несериозно од еден претседател, но и многу опасно“, вели Раљиќ.

Залудни се апелите за било каква сериозност, бидејќи властите продолжија со „британскиот удар“ иако и самите Британци демантираа се, укажувајќи на доведувањето на новинарите во животна опасност со измислици чија единствена цел е анестезирање на јавноста.

Британската амбасада соопшти дека ваков политички притисок и заплашување е целосно неприфатливо и дека претставува напад на слободата на изразување.

„Всушност британско-босанската  Fellowship програма има речиси 250 учесници од областа на политиката, цивилното општество, бизнисот и медиумите. Високи претставници на Владата на РС и Радиотелевизија на Република Српска, исто така, се учесници во оваа програма“, пишува во соопштението од британската амбасада во БиХ.

И покрај наводите дека во програмата Fellowship учествуваат и официјални претставници на Владата на РС, како и главниот носител на нивниот медиумски удар-Јавниот сервис  РТРС, највисоките функционери на овој ентитет продолжија да „се прават Англичани“ и да ги засилуваат нападите врз новинарите и медиумските куќи за кои работат, како и врз припадници на цивилниот сектор.

„Во општество на едноумие, како што постои во Република Српска или во цела БиХ, секој ваш обид да проговорите за криминалот, за корупцијата, за проблемите на обичниот човек, едноставно станува велепредавство, за жал“, вели уредничката на БНТВ.

Повикување на разум во овој ентитет е праисториска и одамна заборавена категорија. Оние 40 неидентификувани, наводни разузнавачи, и понатаму се погонско гориво на кујните на обоените револуции и на теориите на заговор против самоповиканите бранители на националните интереси, а вербалните рафали кон новинарите не престануваат.

„Тие беа логистика за овие кои доаѓаат сега. Без оглед што невешто се бранат, моите информации од вчера се дека сите кои доаѓаат се високо-специјализирани оперативци, распоредени во РС. Зошто баш во Република Српска е големо прашање? БН телевизија се покажува како медиум кој се обидува да спроведува политики кои не се во интерес на српскиот народ и на Република Српска“, рече Додик на 29 јуни.

„Факт е дека Милорад Додик своевремено беше надеж и за граѓаните на БиХ и за Република Српска, па и за меѓународната заедница. И таа меѓународна заедница му помагаше на Милорад Додик и на неговата политичка опција, што тој би сакал денес да може да се избрише од историјата. За жал, не може. Но, исто така за жал, ние денес имаме најмногу проблеми токму со медиумите и со политичарите кои меѓународната заедница своевремено ги помагаше и ги создаваше во БиХ. И тоа е наш проблем. Мислам дека меѓународната заедница треба да го промени својот пристап“, смета Раљиќ.

Претседателот на движењето „Рестарт“ Стефан Благиќ, кој е означен како клиент на Британскиот деловен клуб, тврди дека Јавниот сервис, РТРС, наместо да одговара за кршење на законот и таргетирање личности од невладиниот сектор и медиумите, се обидува себе да се претстави како жртва.

„Мислам дека тоа се случува во моментов. РТРС се обидува да не прикаже како криминалци и терористи.  Да потсетам дека пишуваа за тоа дека некои членови ни се терористи, што е целосна невистина и што е неверојатно. Тоа е класично ставање мета на чело“, нагласува Благиќ.

Благиќ дури беше и приведуван од полицијата, откако иритиран од лажните обвинувања на новинарите на Јавниот сервис на социјалните мрежи им напиша „добро да се чуваат кога ќе го сретнат на улица“, алудирајќи на нивните обвинувања дека е криминалец и терорист.

По приведувањето, „осамна“ на Јавниот сервис во документ како личност која „поминува низ казнената евиденција на МВР на Република Српска“. Објавувањето таков документ е кривично дело.

„Тој документ имаше и матични лични броеви и адреса на живеење, татково име и слично. Значи, кој сака може да дојде на мојата адреса и да направи што сака“, вели Благиќ.

Власта и прави што сака. Продолжува да обвинува без аргументи, а секој ден заканите се поголеми и посилни, бидејќи се ближат изборите. Обидот да се анестезира јавноста е сеопфатен и насилен. Слободата на медиумите овде одамна не постои.

„Ако тргнеме од претпоставката дека слободата на медиумите е една од основите за развој на општеството, тогаш сосема е извесно, и логичен е заклучокот дека спречувањето на таа слобода е и спречување на општествениот развој. Затоа велам дека е бедна земјата во која новинарите се чувствуваат загрозено и од која мораат да заминуваат поради својата безбедност“, заклучува Раѓен -Тодориќ.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ