
Новата италијанска влада по европски вкус
По неколку жешки недели во текот на летото, Италија може да се надева дека сепак ќе остане на европскиот пат. Новата влада денеска положи заклетва и вети дека совесно ќе и служи на државата, која никако да излезе од финансиската и политчка криза. Вечните непријатели Движењето Пет ѕвезди и опозициската Демократска Партија одлучија да си подадат рака, со цел да му нанесат удар на десничарот Салвини, кој го откажа коалицирањето со Пет ѕвезди и побара предвремени избори. Џузепе Конте, по вторпат премиер, вети дека ќе работи за иднината на земјата.
Засилени со програмата која гледа кон иднината, ќе ги посветиме нашите енергии, способности и страсти да ја направиме Италија подобра за сите граѓани од север до југ, рече премиерот Конте.
Брзо пристигна честитка од Брисел. Од таму ја поздравуваат одлучноста на владата да остане на европската линија. Новите назначувања се одобрени и од финсискиот пазар, бидејќи нема да има големи судири со Брисел. Меѓу најголемите предизвици на новите министри ќе им бидат имиграцијата и буџетот. За министер за внатрешни е назначена Лучиана Ламоргезе, која треба да ја промени острата политика против мигрантите која ја воведе нејзиниот претходник. За поразениот Салвини, новата влада му мириса на пари, и најави дека кратко ќе трае.
И тие сакаат нов закон за имиграција за да зборуваат за интеграција…Мирисам пари, мирисам бизнис. Се сеќавате на Мафиа Капитале? Се сеќавате на илјадници извештаи за лажни коорпорации кои правеа лажни фактури и вистински заработија милиони евра благодарение на масовните испраќања? А во моментов има 10 НВО бродови кои се вратени во Медитеранот.
Токму суровата политика на Салвини, кој како министер за внатрешни не дозволуваше мигрантите да дојдат до италијанскиот брег, беше она што ја прели чашата за раскол во претходната коалција. Со просечна старост од 47 години, ова е најмладата влада во историјата на Италија. Од 21 министерство, 7 се жени, кои во најголем дел се сакани од ЕУ лидерите. Новата влада секако ќе ги подобри односите на релација Рим – ЕУ, но сепак не треба да се заборави дека Салвини е во опозиција. А неговата реторика сега може да се заостри, и да ги припои кон себе голем дел од Италијанците на кои им е доста од мигранти. Со тоа брзо би ја вратил својата Лига на власт со десничарска коалиција која би била во судир со Брисел.
Алиса Шутиноска