Нова епидемија на Ковид – 19 во Пекинг, 11 станбени квартови во карантин
Кинеските власти ставија во карантин 11 станбени квартови, девет училишта и градинки во близина на мега маркетот за храна во Пекинг со цел да се спречи ширењето на новата епидемија на Ковид – 19.
Градските власти соопшти дека 45 работници на пазарот Ксинфади се позитивни на корона вирусот, иако не покажувале никакви симптоми. Во моментов се испитуваат 139 нивни блиски контакти. Ова се дополнителни бројки по единаесетте случаи со симптоми од истиот пазар. На пазарот има околу 4.000 вработени. Поради големиот проток на луѓе, сложена кадровска структура и висок ризик од ширење на заразата, пазарот е целосно затворен и се дезинфицира. Земени се брисеви од работните површини, месото и другите продукти, па дури и од кантите за отпадоци.
- Населбата Фентаи веднаш воведе механизми слични на воени времиња и формираше теренски штаб за управување со затворениот пазар Ксинфади и околната заедница, во согласност со начелото за обезбедување на сигурност и здравје на луѓето. Релевантните податоци се дека прометот е ставен под контрола, а пазарот е затворен, рече Чи Џунвеи, веде шеф на округот Фенгтаи во Пекинг.
До пред два дена во Пекинг повеќе од седум недели немаше регистрирано случај на коронавирусот. Во Кина се заболени 83.064 луѓе, а бројот на починати е непроменет 4.634. Во оваа земја не се бројат случаите на зараза без симптоми.
А состојбата во првото жариште на коронавирусот е стабилна. Степенот на претпазливост во провинцијата Хубеи, каде веќе 24 дена со ред нема нови заболени од коронавирусот, а бројот на асимптоматски случаи постојано опаѓа, се симнува од втор на трет степен.
- Прво, епидемиолошката ситуација во покраината постојано се подобрува. Откако провинцијата го пријави последниот потврден случај, нема нови потврдени случаи веќе 24 дена по ред, рече Јанг Јуниан, заменик гувернер на провинцијата Хубеи.
На југот од земјата во големите поплави кои предизвикаа огромни штети на домовите и земјоделските површини, загинаа пет луѓе, осум се сметаат за исчезнати, а 13.000 луѓе се евакуирани.
Билјана Ставрова