Ноќта на Вештерките е новиот рок, но за Британците Брегзит одамна се претвори во кошмар

Велика Британија нема да ја напушти ЕУ во петок, туку на Ноќта на вештерките. Иронијата е неизбежна за остатокот на Европа, но не и за островото. Процесот го истошти британското општество до степен кога сите сакаат едноставно да заврши, без разлика на исходот. Поради тоа опозицијата ги исфрли сите можни обвинувања за премиерката Тереза Меј, владата во Даунинг стрит 10 и ториевското мнозинство во Парламентот.

Некои од конзервативните пратеници не сакаат ништи друго освен да го употребат Брегзит само за да направат трка до дното. Отварајќи ја нашата економија за големите американски фармациски компании во нашиот Национален здравствен сервис, хормонски третирано говедско во нашите чинии, намалени работнички права и потрошувачки стандарди и да го направи Обединетото Кралство виртуелен даночен рај на брегот на Европа, обвини опозицискиот лидер Џереми Корбин.

Обвинувања се расфрлаат денеска во британскиот Парламент. Занемарувајќи ги критиките кон нивните редови, дел од Ториевците својот гнев поради новото продолжување на Брегзит го насочија кон премиерката.

Дали мојата почитувана пријателка, премиерката го сфаќа гневот кој нејзината апстрактна капитулација синоќа, го предизвика низ државата, прекршувајќи ги ветувањата 100 пати, да не го продолжи времето?, вели пратеникот од редовите на Ториевците Бил Кеш.

Меј која го брифираше парламентот за резултатите од вонредниот самит во Брисел изрази надеж дека разликите меѓу политичките партии и фракции во Британија ќе бидат надминати.

Ова не е вообичаениот начин на британската политика и е непријатно за многумина, и во владата и во опозицијата. Постигнувањето договор нема да биде лесно, затоа за да се постигне, ќе треба и двете страни да направат компромиси, рече Меј.

Првичните реакции на одложувањето, кое е прилично големо и навестува доволно простор за постигнување компромис во британскиот парламент, не најавуваат дека тој и ќе биде постигнат. Најверојатно сметајќи дека имаат доволно време, британските политичари дебатата за потенцијалните решенија ја одложија за понатаму а започнаа од меѓусебните обвинувања. Затоа и не би било големо изненадување ако на есен повторно се случи Меј, или можеби некој друг премиер, да бара ново продолжување од Брисел.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ