Ниту понудената оставка на Меј не е доволна за парламентот да го подржи договорот

И покрај тоа што понуди да ја плати највисоката политичка цена, оставка од премиерската функција, Тереза Меј се уште е далеку од обезбедување на потребната подршка за договорот за напуштање на унијата. Два часа траеше еуфоријата, откако таа синоќа им соопшти на своите сопартијци дека ќе се повлече доколку договорот биде одобрен од парламентот. Дел од нејзините опоненти во партијата и парламентот најавија дека ќе го подржат договорот, но Северноирската унионистичка партија ги урна надежите на сите.

Сега сме во ситуација каде не можеме да го подржиме договорот за повлекување само затоа што премиерката одлучи да го прифати бесктопот во декември 2017, вели Арлин Фостер лидерката на унионистите.

Осум предлози за алтернативни начини за комплетирање на Брегзит беа исто така отфрлени од пратениците на необврзувачко гласање, дополнително комплицирајќи ја целата ситуација.

Во парламентот, од нов референдум до Брегзит без договор, беше се одбиено од пратениците. Од претходно знаеме дека договорот на Тереза Меј не беше многу популарен во парламентот, сега знаеме дека секоја опција на Брегзит, секој пат надвор од моменталниот ќорсокак исто така не е популарен кај пратениците, смета политичкиот аналитичар Алан Вејџер.

Извори од британската влада велат дека Меј утре ќе се обиде по трет пат да го протне договорот низ парламентот и нејзината намера е доколку овој пат биде одобрен, таа да поднесе оставка на 22 мај. Втората фаза од брегзитот, велат тие, Меј посакува да ја води друг премиер и лидер на конзервативците. Доколку не се остварат овие желби на владата, тогаш Британија нема јасен план „Б“, ако парламентот и по трет пат го отфрли договорот со големо мнозинство на маса се сите опции, не се исклучуваат дури ниту предвремени избори.

Игор Трајков

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ