
Невреме во Хрватска, на Јадран вклучен црвен аларм
Невреме, проследено со силен ветер го погодија хрватското крајбрежје, предизвикувајќи проблеми во поморскиот и копнениот сообраќај. Невремето почна вчера, а метеоролозите најавуваат дека слична ситуација се очекува и денеска и утре. Во прекин се бројни траектни, бродски и катамарански линии – од северен Јадран до Дубровник. Поројниот дожд ги поплави крајбрежните шеталишта, а црвен аларм е во сила за подрачјето на Истра и Лика и Горски Котар. Поради силниот ветер на некои патишта сообраќајот е ограничен само на патнички, додека на камионите и автобусите им е забрането движење. Синоќа и Загреб беше погоден од невремето. Поројниот дожд не престана и утринава, а поплави голем дел од улиците, урна стебла и далноводи. Пожарникарите интервенирале на најмалку 50-тина места во главниот град.