Нема осомничени за убиството на бугарската новинарка, истрагата продолжува

Се уште нема осомничени во истрагата за силувањето и убиството на телевизиската новинарка Викторија Маринова во Бугарија, чие тело беше фрлено во близина на Дунав. Од министерството за внатрешни работи соопштуваат дека нема докази што сугерираат убиството да биде поврзано со нејзината работа. Буграската полиција сепак работи на сите евентуални сценарија истражувајќи ги можните врски со нејзиниот личен и професионален живот. Премиерот Бојко Борисов тврди дека е прашање на време кога ќе бидат откриени извршителите.

„Убеден сум дека колегите од криминалната полиција и обвинителите во Русе, го велам ова за медиумите, ќе го разрешат ова убиство. Од она што го знам, за тоа што се работи, начинот на кој се работи, од обемниот ДНК материјал, убеден сум дека е прашање на време. И ве молам не им вршете притисок“, рече Борисов.

Триесетгодишната Маринова беше уредничка на локалната бугарска телевизија ТВН во Русе, и според нејзините колеги известувала за истрагата за наводната корупција поврзана со фондовите од Европска унија. Европската комисија денеска побара брза и темелна истрага.

„Со голема тага дознавме за убиството на Викторија Маринова. Европската Комисија очекува брза и темелна истрага која ќе ги изнесе одговорните пред органите на правдата и да се разјасни дали убиството е поврзано за нејзината работа“, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.

Тоа е четврто убиство на новинар во ЕУ за нешто повеќе од една година, по случаите во Словачка, во Малта и во Данска. Европската и Меѓунаордната федерација на новинари исто така побараа од бугарските власти во најбрз можен рок да ги идентификуваат и казнат одговорните и побараа општа европска мобилизација на земјите членки на ЕУ за заштита на новинарите.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ