Неизвесно премиерското место на Јанша

Првите прелиминарни резултати од парламентарните избори во Словенија ја потврдија убедливата победа на десничарската Словенечка демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша, и второто место е за левоцентристичката партија Листа на градоначалникот на Камник, Марјан Шарец. Резултатите велат дека дури девет партии би можеле да имаат пратеници во парламентот, што би создало големи проблеми околу формирање на новата владина коалиција.

Иако, партијата на Јанша е јасен победник, категоричното одбивање на речиси сите партии да коалицираат со него, освен Нова Словенија и Словенечката национална партија создава неколку комплицирани сценарија.

Оттаму, аналитичарите проценуваат дека поверојатна е нова владина колаиција составена од шесте останати партии кои на политичкиот спектар гравитираат меѓу левицата и центарот. Во таков случај  како најверојатен кандидат за нов словенечки премиер се посочува градоначалникот на Камник, Марјан Шарец.

Брисел е резервиран за изборниот резултат во Словенија, бидејќи третото доаѓање на власт на Јанша би донел и нов силен глас против мигрантите во ЕУ, промена во надворешната политика на Љубљана и нејзиниот однос со соседите. Дека мигрантската криза ќе биде најголемиот иден предизвик за Словенија, повтори и самиот Јанша по извојувањето на победата.

„За време на најголемиот мигрантски бран им кажавме на нашите европски партнери дека подобар живот треба да им се обезбеди на луѓето дома, отколку на оние кои сакаат да дојдат во Европа”, рече Јанша.

Јанез Jанша со години опстојува во политката и покрај бројните скандали. Пред 30 години беше уапсен поради оддавање на воени тајни, кога Словенија беше дел од Југославија. Тоа апсење беше катализатор на т.н Движење на словенечката пролет, што беше и првата епизода за распадот на СФРЈ.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ