Неизвесни парламентарни избори во Шпанија

Шпанските граѓани гласаат денеска на третите парламентарни избори во државата во последните четири години.

Овие избори се одбележани со подемот на крајното десничарско движење Вокс, кое го отфрла мултикултурализмот и во текот на кампањата се закануваше дека ќе ја укине самоуправата на регионите како Каталонија.

Социјалистичкиот премиер, Педро Санчез, се претставуваше себеси како штит против напредокот на радикалната десница.

“После толку многу години на нестабилност и неизвесност, мислам дека е многу значајно да испратиме многу јасна порака за тоа каква Шпанија сакаме и тоа да го артикулираме во доволно големо парламентарно мнозинство за да имаме влада со стабилност, безбедност и определеност за тоа каква иднина посакуваме” – изјави Премиерот на Шпанија, Педро Санчез.

Според последните анкети, Социјалистите ќе освојат најмногу гласови но ниту една партија нема да освои мнозинство.

Анкетата на весникот Ел Паис, предвидува социјалистичката партија да освои околу 30% од гласовите, конзервативната Народна партија 20%, централно-десничарската партија Граѓани и левичарското движење околу 14% додека радикално десничарската Вокс се очекува да ја поддржат 11% од граѓаните.

Сепак, клучната поента и на оваа анкета е дека голем број граѓани, околу 40% се уште не одлучиле за кого ќе гласаат на овие избори.

Изборната кампања помина во исклучително висок емотивен набој, пред се заради иднината на Каталонија. Полу-автономниот регион во Октомври 2017-тата одржа референдум и неколку недели подоцна прогласи независност од Шпанија.

Десетина каталонски лидери потоа беа уапсени и изведени пред судот во Мадрид, каде се соочуваат со обвиненија за сецесија.

Уште една клучна тема беа правата на жените, по ескалацијата на случаите на полово насилство.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ