Не престануваат реакциите во Европа по договорот за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција

Европската народна партија (ЕПП) ги повика сите страни вклучени во процесот за името да покажат конструктивност.

“Го поздравуваме договорот постигнат помеѓу двете влади во Атина и Скопје, кој работи на изнаоѓање решение за долгогодишниот билатерален спор”, се наведува во соопштението.

Европската народна партија се надева дека процесот на имплементација ќе се одвива без пречки од двете страни со што ќе се отвори патот за влез на Македонија во НАТО и можност за почеток на преговори со ЕУ.

“Ова е клучен миг за Скопје и веруваме дека сите политички партии треба да се стремат кон позитивно и конструктивно однесување за градење на европската иднина на земјата”, истакнуваат европските демохристијани.

Соопштението е напишано од страна на бугарскиот пратеник Андреј Ковачев, потпретседател за проширување во ЕПП, Сандра Калниете, потпретседателка на работната група за надворешни работи и Кристијан Дан Преда, координатор за надворешни работи.

Со потпишувањето на договорот ќе бидат отворени вратите за Македонија за влез во НАТО и ќе биде отворен процесот за преговори во ЕУ, а со тоа ќе се намали влијанието на Русија во региионот, истакна Елмар Брок, задолжен за надворешна политика во Европската народна партија.

Двете најголеми опозициски партии,  во Македонија и Грција, кои се против договорот се членки на оваа европска политичка група.

А дека голем чекор ќе следи за Македонија по договорот за името вели и австрискиот канцелар Себастијан Курц, во интервју за виенски “Стандард”. Западен Балкан останува да биде меѓу приоритетите и шестмесечното претседавање со ЕУ што Австрија го презема на 1 јули.

Јордан Дуков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ