
НАТО ја поздравува италијанската подршка во дијалогот со Русија
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја поздрави подршката од новата италијанска влада за преговорите со Русија. Според Столтенберг пристапот на Алијансата кон Русија се одвива во две насоки, првата се санкциите а втората е политичкиот дијалог, кој е многу важен во надминувањето на разликите.
„Нашата цел не е да ја изолираме Русија, таа е наш сосед, Русија е тука да остане и затоа ја поздравувам подршката од Италија во дијалогот кој го имаме со Русија“, изјави Генералниот секретар на Алијансата.
Новиот италијански премиер Џузепе Конте вчера побара повлекување на европските санкции кон Русија, посочувајќи дека Москва е значаен стратешки партнер на Европа и предупреди на опасноста дека санкциите ќе го уништат руското цивилно општество. Но Столтенберг смета дека треба да бидат исполнети одредени услови пред да бидат повлечени санкциите.
„Економските санкции се многу важни затоа што испраќаат јасна порака дека тоа што Русија го направи во Украина мора да има последици и Русија мора да го промени односот пред санкциите да бидат повлечни“, вели Столтенберг.
Генералниот секретар ја презентираше и агендата пред дводневниот министерски состанок на Алијансата, на кој ќе се разговара за зголемениот придонес од членките, како финансиски, така и во персонал и опрема, како и зајакнувањето на командната структура на НАТО. Тема на состанокот ќе биде и иницијативата наречена „Подготвеност“, односни т.н план четири 30-ки, кој ќе и обезбеди на Алијансата 30 механизирани баталјони, 30 воздушни ексадрили и 30 борбени пловила, кои ќе бидат подготвени за 30 денови да бидат распоредени било каде на планетата.
Игор Трајков