Најмалку шестмина загинати во судир помеѓу израелската армија и Палестинците

Во судир помеѓу Палестинците и израелската армија во Појасот Газа, загинаа најмалку шест луѓе, а 350 се повредени.

Во соопштението од израелската армија се наведува дека Палестинците фрлале камења и запалени гуми врз изралеските војници, кои возвратиле со солзавец и со огнено оружје.

Израелската армија наведе дека нема да толерира оштетување на границата и дека за тоа е одговорен Хамас.

Палестинците во Појасот Газа денеска почнаа шестнеделен протест под шатори долж границата со Израел со барање да им се дозволи на палестинските бегалци да се вратат во Израел. Тие поставија десетици шатори на пет локации долж границата.

Првиот ден од протестите се совпадна со „Денот на земјата“ кога Палестинците им оддаваат почит на шестмина невооружени Палестинци, кои беа убиени во судир со израелските сили за време на демонстрации против конфискувањето земјиште на 30 март 1976 година.

Пред денешните протести Израел испрати поддршка на граничните сили во Газа.

Организаторите од Хамас изјавија дека денешните протести ќе бидат мирни, но главниот израелски воен потпарол бригадниот генерал Ронен Манелис изјави дека армијата е подготвена за можни нереди.

Доцна синоќа бројот на војниците распоредени на границата бил удвоен, вклучително и бројот на снајперисти, специјалните единици и припадниците на граничната полиција чија специјалност е контрола на нереди.

– Израел сака да избегне насилство но нема да и дозволи на толпата да ја премине оградата, истакна Манилис.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ