
Најмалку 25 загинати при напад врз учесници на воена парада во Иран
Најмалку 25 лица загинаа, а 60 се повредени во терористички напад изведен за време на воена парада во иранскиот град Аваз. Меѓу загинатите, според иранските власти има цивили, жени и деца кои дошле да ја гледаат парадата, како и осум припадници на иранската револуционерна гарда. Четворица напаѓачи, облечени во воени униформи отвориле оган од парк позади подиумот.
„Четворица терористи чии оружја биле скриени во паркот неколку денови претходно го поминале обезбедувањето под маска на цивили, дојдени да ја гледаат парадата. Ги земале своите оружја и веднаш почнале да пукаат“, изјави портпаролот на иранската армија Аболфаз Шекарчи.
Напаѓачите стрелале кон публиката а потоа се обиделе да пукаат и кон воените офицери и политичари на подиумот, но двајца од нив биле застрелани од револуционерната гарда а другите двајца уапсени.
„Одеднаш сфативме дека некои вооружени луѓе ги напаѓаат нашите другари зад подиумот и потоа почнаа да пукаат кон жените и децата. Тие бесцелно пукаа наоколу како да немаа утврдена мета“, изјави еден од повредените војници во нападот.
Одговорност за нападот презедоа една арапска сепаратистичка група и Исламската држава. Иранскиот претседател Хасан Рохани вети брз и жесток одговор и на најмалата закана но и порача дека Техеран ќе бара одговорност од терористичките спонзори. И министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф за нападот ги обвини регионалните терористички спонзори и нивните американски господари за нападот. И двајцата функционери алудираат на Саудиска Арабија, регионалниот ривал на Иран, кого Техеран и претходно го обвинувал дека ги спонзорира сепаратистичките движења на арапското малцинство во земјата.
Игор Трајков