Над половина милион починати од корона вирусот во светот

Нов црн врв на пандемијата коронавирус. Бројот на позитивни случаи во светот се искачи на над10 милиони луѓе, додека Ковид-19 однесе и повеќе од половина милион жртви.

Пандемијата повторно се засилува во едно од најголемите жаришта во светот – Соединетите американски држави, каде 30 држави бележат драстично зголемување на бројот на позитивни случаи. Најкритична е ситуацијата во Флорида, Арканзас и Тексас, чиј гувернер Грег Абот, предупреди на голема и неочекувана опасност за жителите на оваа американска сојузна држава.

  • Треба да разбереме дека Ковид-19 многу бргу и многу опасно ексалираше во Тексас во последните неколку недели. За последните неколку недели, дневниот број на случаи се зголеми од просечни 2 000 случаи до повеќе од 5000 случаи дневно. Истовремено, хоспитализациите се зголемија од околу 2 000 дневно до над 5000 дневно.

Со Абот на пресконференцијата беше и американскиот потпретседател, Мајк Пенс, кој за разлика од шефот на државата, Доналд Трамп, апелираше до Тексашаните но и сите американски граѓани, да ги носат маските и да ги почитуваат препораките на епидемиолозите. Според податоците од Соединетите држави, порастот на случаите корона вирус е поврзан со младите луѓе, кои ги преполнија плажите , баровите и сите други локации каде масовно се собираат и не ги спроведуваат препорачаните мерки за заштите од коронавирусот.

Покрај САД, критична е ситуацијата и во Бразил, каде политиката на претседателот на државата, крајниот десничар,  Жаир Болсонаро, претставува голема опасност за јавното здравје. Болсонаро повеќе се грижи за економските последици од вирусот, за разлика од здравствените последици.

Според официјалните податоци во Бразил има над 1 милион и 300 илјади заразени и над 57 000 болни, иако претпоставките се дека вистинските бројки се драстично поголеми.

Бесот против политиките на бразилскиот претседател се пресели и на улиците на поголемите градови.  Припадниците на левицата и активистите излегоа на улиците во Сао Пауло, под мотото Стоп за Болсонаро, кого го сметаат за закана за демократијата но и животите на своите сограѓани.

  • Ние веруваме дека само со работниците на улиците можеме да ги поразиме фашистичките движења

Далеку од Бразил, на европскиот континент, Италија им оддаде почит на оние кои ги загубија животите од новиот корона вирус  со специјален концерт изведен на гробиштата во Бергамо. Претседателот на државата, Серџо Матарела, присуствуваше на реквием мисата заедно со претставниците на семејствата кои ги загубија своите блиски од Ковид 19. На поклон пред жртвите од смртоносниот вирус дојдоа и 243 градоначалници на населените места во провинцијата Бергамо, една од најтешко погодените во пандемијата.

  • Овде во Бергамо вечерва е Италија која страдаше, која беше повредена, која плачеше и која, сакајќи целосно да го врати ритамот на животот, знае дека не може да го заборави тоа што се случи. Моето присуство тука е сведоштво на блискоста на републиката со граѓаните на оваа земја која беше најтешко погодена. Бергамо денеска ја претставува цела Италија, срцето на републиката кое се поклонува пред илјадниците мажи и жени кои беа убиени од болеста која во најголем дел се уште е непозната, изјави претседателот на Италија, Серџо Матарела.

Во чест на починатите беше изведен реквиемот на еден од најзначајните италијански композитори од 19-тиот век, Гаетано Доницети, кој исто така бил роден во Бергамо.

Синоќешната церемонија се одржа еден ден откако Италија го регистрираше најмалиот број жртви на Ковид -19 во последните, речиси 4 месеци, кога починаа само 8 луѓе.

 

Никола Илиевски

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ