
На повидок трговска војна САД-Кина
САД ги зголемија трговските тарифи на 200 милијарди долари увоз од Кина од 10 на 25 отсто, што претставува нова ескалација во трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг.
Кина претходно се закани дека ќе одговори со иста мерка доколку САД ги зголемат тарифите.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на тој начин ја интензивира трговската војна со Кина, за која тврди дека ги прекршила ветувањата дадени во текот на преговорите.
Зголемувањето на тарифите стапи во сила, иако во Вашингтон се во тек разговори меѓу двете страни, кои ќе продолжат денеска, бидејќи вчера завршија неуспешно.
Овие тарифи ги плаќаат увозниците на странските производи, што значи дека 25-процентните тарифи ќе ги плаќаат американските компании кои увезуваат кинески производи во Соединетите држави.
Кинеската Влада соопшти дека ќе преземе „неопходни контрамерки“ како одговор на најновото зголемување на американските тарифи на кинеската стока, без да наведе повеќе детали.
Кина на претходното зголемување на тарифите одговори со сопствени царини на 110 милијарди долари американска стока, но тука има помалку простор за зголемување поради трговскиот дисбаланс меѓу двете земји.
Кинеските регулаторни тела, исто така, почнаа да ја отежнуваат работата на американските компании во Кина, забавувајќи ги царинските прегледи за нивните производи и заострувајќи го регулаторниот надзор.
Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека зголемувањето на тарифите претставува закана за глобалната економија, додавајќи дека сите страни губат во продолжениот трговски конфликт.