Можна е воена акција од страна на Србија, но Косово мора да биде воздржано
Воените аналитичари во Приштина бараат од тамошните власти да подготват одбранбен план и предупредуваат дека дури е можна и воена акција од страна на Белград. По вчерашната акција на косовските специјалци на северот на Косово и апсењето на четворица Срби, познавачите на бездносните прилики велат дека косовската власт треба да биде воздржана на провокациите од Белград.
Сите во меѓународната заедница знаат дека Србија го разбира само јазикот на силата. Нема веќе да го толерираме нивното агресивно однесување. Мора да ја прифатат реалноста и да ја признаат независноста на Косово, рече за Вечерњи лист косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој досега јавно не коментираше ништо за трговската војна по воведувањето на царините за српските и босанските производи од 100 проценти. Тој не верува дека ќе дојде до ескалација на ситуација на северот на Косово по вчерашните апсења на осомничени полицајци вмешани во убиството на лидерот на СДС, Оливер Ивановиќ. Харадинај го обвини српскиот претседател Вучиќ дека се обидува да ја урне косовската влада и дека за тој план има партнер на Косово, алудирајќи на Хашим Тачи, со кој имаа спротивни ставови околу размената на територии.
Поранешниот шеф на Координативниот центар за Косово, Небојша Човиќ во интеврју за РТС вели дека косовските власти секогаш кога треба да спроведат некоја спогодба прават нова провокација.
– Тие со вчерашниот упад направија нова провокација од една страна за да го свртат вниманието од нешто што е брутален и нецивилизациски чин со воведувањето на царините, од друга страна да покажат како тие комплетно ја покриваат територијата на Косово и Метохија“, вели Небојша Човиќ, поранешниот шеф на Координативниот ценатр за Косово.
Србија повеќе нема причина да им верува на НАТО претставниците на Косово, бидејќи КФОР ја прелажа целата јавност. Ова беше реакцијата на српскиот претседател Вуќич, кој по состанокот со државниот врв и безбедносните сили повтори дека ќе го заштити српското население на Косово.
– Имајќи ја в предвид нивната одлучност да туркаат до крај и непостоењето на желба кај еден дел од меѓународната заедница од меѓународниот западен фактор за на било кој начин таа ситуација да биде разрешена. Ние мораме да се подготвиме како што реков за долготрајна поддршка и помош на нашиот народ која нема да биде ниту лесна, ниту едноставна, ниту ефтина, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.
Дали недоразбирањата меѓу Приштина и Белград кои не може да ги реши Брисел ќе се префрлат на виенско тло не се знае. Австрискиот канцелар Курц има добро односи со Приштина но, се уште не кренал телефон. Синоќа неговиот заменик Хајнц-Кристијан Штрахе предложи официјална Виена да организира мировна конференција за решавање на косовското прашање и повторно ја поддржа идејата за размена на територии. Извесно е дека нарушените односи меѓу двете земји негативно ќе се одразат на стабилноста и мирот во регионот.