
Москва, Техеран и Анкара апелираат за политичко решение во Сирија
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по состанокот за Сирија со министрите за надворешни работи на Турција и на Иран во Москва, Мевлут Чавушоглу и Мохамад Џавад Зариф, изјави дека западните држави планираат поделба на Блискиот Исток.
– За западните земји поддршката за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Сирија се само зборови, кои треба да ги замаскираат плановите за поделба на Блискиот Исток и поделба на Сирија, истакна Лавров.
Тој наведе дека е убеден оти Русија, Турција и Иран се сериозно заинтересирани за зачувување на целовитоста на Сирија во која „етничките и верскитре групи ќе имаат еднакви права и ќе можат да живеат во мир меѓу себе и со соседите“.
– Неопходно е да им се помогне на Сиријците да го заврштат чистењето на земјите од терористи и сите ние и помагаме на сириската Влада да подигне мостови за национално помирување и да изгради тоа што е урнато, наведе Лавров.
Тој ги оцени како неприфатливи обидите за дестабилизација на ситуацијата во Сирија, охрабрувањето на екстремистите и поставување предуслови за дијалог кои не се во согласност со Резолуцијата 2.254 на Обединети нации.
– Тоа би значело создавање на линии на поделба во Сирија и ние сме против тоа, истакна Лавров.
Додека Зариф посочи дека дејствувањето на САД во Сирија води кон ексалација на тензиите и претставува голема опасност.
– Сметаме дека странска интервенција во Сирија води само кон дополнителна ескалација на тензиите. Сметаме дека дејствувањето на САД во Сирија, што доведе до дополнителни ескалации и етнички тензии претставува опасност за регионалниот поредок поврзан со политичката независност и единство на Сирија. Меѓународната заедница сфати дека со воено решение само го продолжува страдањето на сирискиот народ, наведе Зариф.
Тој додаде и дека истрагата за наводната употреба на хемиско оружје во Сирија „мора да биде непристрасна“.
Турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу потенцираше дека во Сирија е неопходно да се изгради доверба помеѓу завојуваните страни. Тој додаде дека какво било воено решение во Сирија би било незаконско и неодржливо
– Постигнавме согласност за состанок на работна група, за која мислиме дека ќе ги изнесе и усвои конкретните решенија, посочи Чавушоглу по средбата со Лавров и Зариф во Москва.
Чавушоглу потенцира дека Турција, Русија и Иран треба заедно да дејствуваат за да се постигне политичко решение за Сирија.