
Московската и Киевската Патријаршија ја започнуваат битката за имотот и верниците
Заедно со тензиите околу формирањето на Украинската православна црква независна од Москва, се зголемуваат и стравовите дека ќе дојде до жестоки битки за парохиите и имотот, кои дополнително ќе ги оптоварат и така, веќе речиси непријателските односи меѓу државите Украина и Русија. 12.000 цркви и светилишта, меѓу кои и популарни туристички и верски дестинации како Псковско-печерскиот манастир, се под контрола на Московската Патријаршија. Украинските свештеници од Московската Патријаршија обвинуваат дека десетици цркви и светилишта веќе биле насилно преземени од т.н Киевска Патријаршија.
Нашите луѓе насилно беа извлечени од црквата, катанците исечени, дојдоа луѓе во маскирни одела, маски и симболи на радикални организации дојдоа и ги тепаа нашите верници и свештеници. Околу 50 цркви беа преземени и дадени на т.н Киевска Патријаршија, вели митрополитот Антониј од Украинската православна црква под Московската Патријаршија.
Уште од доцниот 17 век Православната црква во Украина е крило на Московската Патријаршија и за многу Украинци тоа е горчлив факт, затоа што имплицира дека нивната земја и црква се руски вазали.
Московската Патријаршија има многу малку врска со религија и вера. Гледаме дека тоа е само пропаганден инструмент од нашиот непријател, Русија, вели Серхиј Мазур, лидерот на ултранационалистичката група „Ц14“.
Но сето тоа ќе се промени со одлуката на Цариградската патријаршија да го започне процесот за давање на независност на црквата во Украина, во однос на Руската православна црква.
Од гледна точка на големите геополитики, односите со Русија, значи отцепување на Украина од т.н Руски свет. Украина ќе биде значително помалку зависна од Русија, во духовна и религиска смисла, вели аналитичарот Владимир Фесенко од центарот за политички истражувања „Пента“.
Московската партијаршија жестоко реагираше, објавувајќи дека веќе не го признава авторитетот на Цариградската Патријаршија. Дел од познавачите на црковните односи од Русија пак, предупредија на внимателност, стравувајќи дека разделбата ќе го предизвика најлошиот раскол во христијанството од поделбата на католичко и православно христијанство пред 1.000 години.
Игор Трајков