Могерини: Тоа што се случи вчера, не смее да се повтори

По вчерашните случувања во Косовска Митровица каде во акција на специјалната косовска полиција беше уапсен директорот на канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, и тензиите кои произлегоа, вечерва во итна посета на Белград е шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини на средба со претседателот Вучиќ.

Могерини кажала тоа што се случило вчера не смее да се повтори. Европската Унија очекува оддржување на мирот, низ мирен и воздржан пристап.

Могерини и Вучиќ се согласиле да пронајдат нови начини како би продолжиле со работата и решавањето на проблемите меѓу Белград и Приштина, по мирен пат.

Претходно, портпаролката на Европската Комисија, Маја Кочијанчиќ кажа дека Могерини е во контакт со властите во Белград и Приштина.

„Синоќа јасно посочивме дека ги повикуваме властите на двете земји, Косово и Србија да ја покажат потребната воздржаност и зрелост за тековната ситуација на теренот во Косово не ескалира дополнително“, рече портпаролката Маја Коцијанчиќ

Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија кој вчера беше уапсен, кажа дека албанските сепартиски, поддржани од западните кругови, на брутален начин го нападнале српскиот народ на Косово.

„На брутален и насилен начин го нападнаа нашиот народ на северот на Косово и Метохија со целосно јасна цел, со насилство, терор и заплашување, со фаланга вооружена до заби, со вооружени сили да го заземат и окупираат северот на Косово“, изјави од Белград Ѓуриќ.

Претставниците на Српската листа предводени од претседателот Горан Ракиќ денеска најавија напуштање на Владата и формирање на заедницата на српските општини на Косово на 20 април. Одлуката била донесена по консултациите со српскиот претседател Александар Вучиќ. Со ова Владината коалиција на Харидинај го губи мнозиството, но тој нема намера да поднесе оставка.

Ваквата одлука за напуштање на косовската Влада, според премиерот Рамуш Харидинај е еднострана, избрзана и штетна, и додаде дека е подобро да се седна за маса и да се оди напред.

„Вчера видовме дека кога се нема дијалог како нештата може да се влошат. Не е во ред бескрајно да се ставаат на тест нечии одлуки. Подобро е да се вратиме на преговарачката маса и заедно да ги дискутираме нештата. Убеден сум дека преку разговори ќе најдеме заеднички јазик“.

Инаку состојбата во северно Косово останува напната, но мирна. Со барикади блокиран е магистралниот пат од Косовска Митровица кон Рашка во Србија, а на административниот премин Јариње се блокирани десетици товарни возила.

Косовските специјални полициски сили се повлекоа од северниот дел на Косовска Митровица, но се уште се присутни во јужниот дел од градот. Во синоќешната акција на која беше приведен Ѓуриќ, повредени се 32 лица, од кои потешко се повредени пет лица меѓу кои е и косовскиот министер за земјоделство Ненад Рикало.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ