Мицотакис се поголем фаворит за премиер на Грција

Грците остануваат лути на премиерот Ципрас. Масовната граѓанска поддршка на завршниот предизборен митинг на опозициската Нова Демократија е доказ дека луѓето повеќе му веруваат на Мицотакис, кој ветува дека државата ќе ја врати во нормалноста. Во предизборието, конзервативецот Мицотакис најавува нов пристап во економијата.

  • Ако БДП-то се зголеми, ќе се зголемат и платите. Минималната плата ќе се зголемува за двапати, како што ќе расте стапката на БДП-то. За три години, конечно ќе биде 730 евра. Мојата цел е да ја оживеам средната класа, ветува Мицотакис. 

Разочараноста од актуелната економска политика на Сириза, која воведе ригорозни мерки за штедење, се повеќе ги тера Грците да му веруваат на Мицотакис.

  • Многу му веруваме на Кирјакос Мицотакис и сигурни сме дека што ќе биде избран тој ќе ни реши многу проблеми, посебно за нашата сигурнот, што е многу важно, вели Марија Зикоу, поддржувач на Нова Демократија. 

 За време на 8-годишната економска криза, Грција загуби четвртина од производството, невработеноста достигна 28 %, што е најголем пад на една развиена земја од Втората светска војна. Ципрас беше единствениот кој се нафати да ја опоравува земјата, но се одеше многу бавно. Дополнително, владејачката Сириза мораше да ги напушти изборните ветувања од 2015-та и да воведе фискални мерки со големи даноци кои најмногу ја оптоварија средната класа. Ситуацијата кулминираше со неспособноста властите да се справат со ланскиот смртоносен пожар во Мати, но и Преспанскиот договор, кој предивика голем гнев и протести.

  • Гласањето в недела, најпрво е гласање против Ципрас, против Сириза. Имаше големо незадоволство. Чувство на предавство кај претходните гласачи. Но, ќе биде и глас за доверба во Мицотакис како лидер и перспективен премиер кој ќе ги намали даноците, ќе ја отвори економијата, смета Јоргос Пагулатос, професор по европска политика и економија на Универзитетот во Атина. 

Сепак, планот на Мицотакис за намалување на даноците, социјалните давачки и зголемување на платите се базира на претпоставката дека економијата ќе достигне раст од 4 %, што е тешко остварливо. Ципрас водеше кампања дека ќе го продолжи опоравувањето на социјалата и здравството – обиди, за кои тврди дека ќе бидат прекинати токму од неговите противници.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ