
Министрите за надворешни работи на Германија и Турција ветија затоплување на билатералните односи
Министрите за надворешни работи на Германија и Турција Зигмар Габриел и Мевљут Чавушоглу изјавија дека сакаат да ја продлабочат економската и безбедносната соработка откако германскиот новинар Дениз Југел беше ослободен од притвор.
– Ние надминавме еден проблем меѓу нас и треба да се фокусираме на попозитивни работи, истакна Чавушоглу по средбата со германскиот колега, одржана на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
– Ние сме двајца министри за надворешни работи кои заедно работат на зајакнување на нашите билатерални односи, истакна Чавушоглу и го нарече својот германски колега „драг пријател”.
Габриел истакна дека двете држави можат да изразат различни мислења, но тоа да го прават на начин кој покажува меѓусебно почитување. Тој додаде дека Берлин и Анкара треба да го најдат патот кон нивната заедничка иднина.
Една од причините за затегнувањето на односите меѓу двете земји беше апсењето на германскиот новинар Дениз Југел, кој исто така има и турско државјанство. Двајцата министри неколкупати зборуваа за случајот. Турскиот министер изјави дека турското правосудство дејствувало независно кога наредило Југел да биде ослободен од притвор. Габриел тврди дека немало договор меѓу двете земји за ослободување на новинарот.