Мигрантите во Босна се обидоа насилно да ја преминат границата со Хрватска

Неколку стотици мигранти се обидоа да ја поминат границата меѓу Босна и Хрватска, но беа спречени од полицијата а десетици од нив ноќта ја поминаа на отворено на границата. Инциденти имало и на железничката станица во Бихаќ. По затварањето на границите во Македонија и Србија, Босна стана главниот транзит центар на Балакнската рута.

Босанската полиција спречи околу 300 мигранти да ја поминат границата кај преминот Велика Кладуша, половина од нив се обидоа насилно да го пробијат полицискиот кордон по што дојде до судири. Ситуацијата е се уште тензична и дел од мигрантите одбија да се повлечат, ја поминаа ноќта под отворено небо и се уште го блокираат патот.

„Нашата ситуација е многу лоша, дојдоме тука поради нашата ситуација и можеби тие треба да разберат низ што поминуваме,“ смета Езент Лауи – мигрант од Сирија.

Според хрватската полиција од другата страна на границата, насилниот обид за премин бил поттикнат од лажни најави дека хрватската граница ќе биде отворена и на мигрантите ќе им биде дозволено да го продолжат патот кон внатрешнота на ЕУ. Покрај тоа инциденти имало и на железничката станица во Бихаќ, каде полицијата не им дозволила на 99 мигранти да се симнат од возот.

„Синоќа имавме неколку инциденти во возот откако луѓето слушнаа дека се подготвуваат да ги вратат а тие не сакаа да одат,“ вели Самир Алагиќ – Шеф на железничката станица во Бихаќ.

Причината е затоа што Унско-санскиот кантон, чиј административен центар е Бихаќ, згрижува повеќе од 10.000 мигранти. Илјадници мигранти се сместени низ повеќе импровизирани прифатилишта низ цела Босна и Херцеговина, откако земјата стана главна цел на Балканската рута по затварањето на границите во Македонија и Србија и зголемените контроли на другите балкански земји.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ