
Меркел нема да учествува на Самитот за Брегзит ако нема претходен напредок
Германската канцеларка Ангела Меркел се закани дека нема да учестввуа на Самитот в недела за финализирање на Брегзит доколку не се постигне претходен напредок во разговорите.
Канцеларката не сака да преговара на самиот Самит, и смета дека договорот треба да се постигне претходно. ЕУ и Обединетото Кралство треба да постигнат договор за спогодбата за повлекување, како и за документот за идниот однос помеѓу двата блока.
Британската премиерка доцна синоќа одржа двочасовна средба со претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, но детали од разговорите не се соопштени.
Меј само кусо изјави дека е постигнат „дополнителен напредок“ и оти планира да се врати повторно во Брисел в сабота за средба со Јункер и други европски челници.
Брегзит може и да не се оствари ако британскиот Парламент не го одобри договорот за развод со ЕУ, постигнат по тешките преговори со Брисел, изјави синоќа британскиот министер за финансии Филип Хамонд.
Тој истакна дека дури и при најдоговорено и непречено излегување од Унијата, тоа ќе ја чини британската економија десетици милијарди фунти.