
Меркел и Путин три часа разговарале за Сирија, Украина и гасоводот
Без договор, но со детална проверка на тоа до каде се работите во Сирија, Украина, Иран, но и со гасоводот Северен тек 2, заврши тричасовната работна средба меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин. Деталите од средбата нема освен соопштението од Кремљ дека разговорот бил долг, сериозен и детален.
Портпаролот на Кремљ соопшти дека Меркел и Путин детално разговарале за сириското прашање при што и за политичко решение во Сирија. Рускиот претседател притоа изнел став дека процесот за враќање на бегалците во Сирија треба постепено да се зајакнува и оти европските земји да дадат свој придонес со цел тој процес да биде неповратен.
Меркел и Путин разговарале и за заедничкиот гасоводот Северен тек 2, кој треба да ја снабдува Германија со руски гас, на кој се противат некои од европските партнери на Берлин сметајќи дека тоа ќе ја направи Европа уште позависна од рускиот гас. На гасоводот се противи и американскиот претседател Доналд Трамп кој овој проект го нарече „голема грешка“.
Од таму разбирлив е молкот на Меркел и Путин за средбата и нивното невообичаено давање на изјави само пред, но не и по средбата.
„Заедно со Германија ние работиме на нов гасовод Северен тек 2 со цел да го подобриме снабдувањето со гас на Европа и да го минимизираме ризикот на тарнзит. Тоа ќе обезбеди и поголема потрошувачка во Европа. Северен тек 2 е чисто економски проект и не ги затвора вратите на пренос на гас низ Украина. Ја знам точната позиција на германската канцеларка, и сакам да истакнам дека транзитот на гас низ Украина е постојан и ги исполнува економските барања“, изјави Путин пред средбата со Меркел.
Но иако Северен тек беше една од клучните теми на синоќешната работна средба на двајцата лидери, нема информации што точно било разговарано или евентуално договорено. Портпаролот на Кремљ за ова прашање само штуро по средбата соопштил дека токму поради силната опозиција на гасоводот потребно е да се преземат мерки против можни неконкурентни и нелегални напади од трети страни, со цел проектот да се заврши, но без објаснување за какви мерки станува збор.
Тамара Грнчароска