
Меј: Обединетото кралство ќе ја напушти ЕУ најдоцна до 30-ти Јуни
Британската премиерка, Тереза Меј, денеска во Брисел директно ќе апелира до лидерите на земјите-членки на ЕУ да се согласат на пролонгирање на Брегзитот за три месеци, откако во синоќешното телевизиско обраќање до нацијата подвлече дека таа лично исклучително жали заради одложувањето.
На денешниот самит во Брисел, Меј ќе се обиде да ги убеди останатите 27 држави да го одложат Брегзитот и по 29-ти Март.
Во 10-минутното обраќање до нацијата, Меј директно ги обвини пратениците за
Одложувањето на Брегзитот, порачувајќи им на Британците дека таа е на нивна страна.
“Јас силно се надевам дека пратениците ќе најдат начин да го поддржат договорот за кој јас преговарав со ЕУ, договор кој ги задоволува резултатите од референдумот и е всушност најдобриот договор кој може да биде постигнат. Јас ќе продолжам да работам дење и ноќе да ја обезбедам поддршката од моите колеги, Унионистите и останатите за овој договор. Но не сум подготвена да го одложувам Брегзит и подоцна од 30-ти Јуни” – изјави Меј.
Обединетото кралство треба да ја напушти ЕУ следниот петок. Во моментов двете страни немаат договор за Брегзит, откако пратениците два пати гласаа против планот за Брегзит кој Меј го договори со Брисел. Европските лидери сега испраќаат порака дека рокот за Брегзит може да биде продолжен, но само под услов Долниот дом на британскиот парламент конечно да го поддржи договорот за Брегзит наредната недела.
Истовремено групата АЛДЕ на европските либерали во Европарламентот денеска предупреди дека продолжување на рокот за Брегзит може да има само до одржувањето на европските избори , кои се закажани на 23-ти Мај.
“Ние мислиме дека е невозможно да има одложување по 23-ти Мај, затоа што тоа ќе направи огромен проблем. – Ќе биде невозможно. –Да, за нас ќе биде невозможно, затоа што ќе ни направи огромен проблем. Ние не сакаме во наредните месеци и години да се занимаваме со Брегзит, сакаме да се фокусираме на обновата на Европската унија, изјави Ги Верхофштад, лидер на либералната групација АЛДЕ во Европарламентот
Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел беше прашан и дали ЕУ би се согласила на подолго одложување на Брегзитот, во случај да нема позитивно гласање во Долниот дом.
“Ако организирате евроизбори може да разговараме за тоа. Но нема да се согласам за одложување по европските избори. Доколку не се одржат европски избори во вашата држава. Или сте или не сте дел од ЕУ” – изјави Бетел.
Во Брисел , посебни разговори посветени на Брегзитот, денеска ќе има и лидерот на британските лабуристи, Џереми Корбин. Тој ќе се сретне со главниот преговарач на Унијата за Брегзитот, Мишел Барние и лидерите на 7 европски држави, со цел да ги разгледаат евентуалните алтернативи на планот за Брегзит на премиерката Меј.
Никола Илиевски