
Меј ќе се обиде да ги убеди Ториевците и Унионистите да го подржат договорот за Брегзит
Британската премиерка Тереза Меј ќе се обиде со нови предлози кои се однесуваат на северноирската граница да го убеди незадоволното крило во нејзината Конзервативна партија и коалиционите партнери од Ирската унионистичка партија да го подржат договорот со Брисел. Се очекува британската премиерка да ги информира пратениците како планира да продолжи понатаму со повлекувањето на нејзината земја од ЕУ. Нејзиното појавување во Вестминстер со внимание ќе го проследат и во Брисел.
Крајно време е. Сега знаеме што не сакаат во Лондон, сега конечно треба да дознаеме што сакаат во Лондон и за што ќе има мнозинство во Парламентот, за да седнеме со колегите од Лондон и да зборуваме за тоа како да спречиме тежок Брегзит, Брегзит без договор, вели германскиот министер за надворешни работи Хаико Мас.
Извори од Ториевците тврдат дека напорите на Меј се фокусирани единствено на нејзината партија да ја обезбеди потребната подршка за договорот кој би бил одобрен без подршката од опозициската Лабуристичка партија во Парламентот. Таа ќе ги продолжи преговорите со лабуристите, но нема да смета на нивната подршка, поради што критиките од другата страна не стивнуваат.
Луѓето често ја фалат премиерката поради нејзината издржливост, но тоа што премиерката го прави не е издржливост, туку неодговорност, турка понатаму без план додека земјата се тетерави од една криза во друга. Ова е од клучно значење и го намалува времето за појавување на веродостојни алтернативи, вели министерот за Брегзит во сенка Кир Стармер.
ЕУ одби да и даде дополнителни гаранции за северноирската граница на Меј пред гласањето во британскиот парламент минатата недела за да ги убеди скептиците. Договорот кој таа го постигна со Брисел беше отфрлен од 230 пратеници и доколку не ја добие потребната подршка тогаш Велика Британија на 29 март ќе ја напушти ЕУ без договор и без транзициски период.
Игор Трајков