Меј ги продолжува разговорите за измени на договорот со Брисел

Британската премиерка Тереза Меј ќе ги продолжи разговорите со европските лидери, со кои се надева дека ќе успее да издејствува измени во договорот за напуштање на унијата. Парламентот потврди дека нема да подржи напуштање на унијата без постигнат договор и побара комплетна замена на делот од договорот кој се однесува на северноирската граница. Тоа всушност значи повторно преговарање за напуштање на унијата, нешто што и самата Меј признава дека нема да биде лесно.

  • Има ограничен апетит за таква промена во ЕУ и преговарањето нема да биде лесно. Но за разлика од пред некое време, парламентот јасно стави на знаење што е потребно за да го одобри договорот за повлекување, рече Меј.

Но јасен е и одговорот од Брисел. Унијата нема намера повторно да преговара за Брегзит.

  • Позицијата на ЕУ е многу јасна. Беше изразена вчера од претседателот Туск и претседателот Јункер попладне ќе му се обрати на Парламентот, истакна Мишел Барние – Главен преговарач на ЕУ за Брегзит

Иако претходно Унијата даде сигнали дека е отворена за нови предлози, сепак опстојува на ставот дека т.н бекстоп, гаранцијата дека нема да има класична граница меѓу Северна Ирска и Ирска, мора да остане во договорот. Неговата употреба, потенцираат европските преговарачи ќе зависи од начинот на кој ќе се одвиваат идните односи меѓу Лондон и Брисел.

  • Не е во ничиј интерес да се одложува целиот овој процес, затоа што создава дополнителна несигурност за бизнисите и граѓаните, смета Ги Верхофштат – Преговарач на Европскиот парламент за Брегзит

Се очекува Меј од Брисел да побара вметнување на временска рамка на бекстопот или начини преку кои тој може брзо да се надмине. Втора опција е т.н Малтхаус компромис, кој е предлог оформен од пратеници од повеќе парламентарни партии. Малтхаус компромисот предлага целосна исклучување на бекстопот од договорот со зголемување на транзицискиот период за една година. Кој и да биде исходот од разговорите на меј со европските лидери, таа повторно ќе го стави на гласање договорот.

 

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ