
„Медена земја“ во конкуренција за најдобар светски документарец за „Санденс“
Документарниот филм „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска ја раскажува приказната за Атиџе, последната жена која одгледува диви пчели во Европа и живее со својата мајка во централна Македонија. Самиот принцип на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина мед зема за себе, а половина им го остава на пчелите, ја разоткрива клучната порака дека човек треба да ја користи природата во разумни граници и да живее во склад со неа.
- На тој начин таа не само што им обезбедува егистенција на тие од кои го зима својот ресурс, односно на пчелите туку си осигурува и сигурен извор на храна тогаш кога тоа ќе биде најпотребно, вели Љубо Стефанов, режисер.
- Главниот заплет е кога фамилија на номади пчелари ќе се досели на таа територија и тука ќе се случи борба за мед бидејќи нема мед. Нема доволен простор на таа териториоја за две групи на пчели, изјави режсерката Тамара Котевска.
Филмот „Медена земја“ е селектиран во конкуренција за најдобар светски документарец на престижниот филмски фестивал “Санденс“.
- Ова е прв пат да имаме долгометражен филм на официјална конкуренција меѓу 12 филма од цел свет. И тоа е сериозно достигнување воопшто, за македонската кинематографија и за нас како автори, вели продуцентот Атанас Георгиев.
- Овој филм е доказ дека добро одбраната тема, филмско прецизно и визулено впечатливо, напишана и раскажана приказна со извонредно чувство од визуелен и снимателски аспект е предуслов филмот да биде препознаен и да го привлече вниманието, изјави директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.
Сниматели на филмот се Фејми Даут и Самир Љума. Музиката е на групата „Фолтин“. Документарецот „Медена земја“ кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“ е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) , координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија. Премиерата на филмот во Скопје ќе се одржи во март годинава.
Нина Стефанова