
Масовен протест во Атина, владата го продава името Македoнија
Стотици илјади граѓани од Атина порачаа дека Македонија е грчка. На протестот, кој беше организиран по неочекувано масовниот одзив на оној во Солун, не учествуваа само Атињани, туку во грчката престолнина пристигнаа 283 автобуси со демонстранти кои и порачаа на владата да не го продаде името Македонија.
„Се обидуваме да им покажеме на политичарите и на целиот политички естаблишмент на земјата дека не смеат да го дадат името Македонија. Не не интересира промената на нивниот устав или било што друго. Не смеат да го дадат името Македонија“, вели демонстрантот Манос Георгиу.
По интензивирањето на преговорите и двете страни изразија оптимизам дека прашањето може да биде решено во следните месеци, но за таа изјава, според грчките медиуми, министерот за надворешни Никос Коѕијас добил смртни закани. Демонстраните кои денеска се собраа во Атина, ја обвинуваат владата дека го предала грчкиот народ.
„Не разбирам зошто овој проблем се појави сега и поради која причина треба сега да биде решен кога требаше тоа да се направи многу години порани. Тие не продадоа и сега народот стана, сите сме на улиците поради ова“, тврди Кристина Калесиду.
Само неколку часа пред почетокот на протестот во Атина Катимерии објави истражување според кое дури 71,5 отсто од Грците сакаат решение без терминот Македонија. Истражувањето е спроведено од солунскиот универзитет Македонија и фондацијата ЕЛИАМЕП кои наведуваат дека особено загрижувачки е што една третина од грчките граѓани веруваат дека западните организации и држави работат само во корист на Македонија.
„Не сакаме Скопје да го земе името. Не сакаме Скопје да го земе името Македонија. Не сакаме, не сакаме. Постепено се шират и се приближуваат кон нас. Не го сакаме тоа. Нека си изберат друго име“, категорична е Мариа Јософиду која протестираше во Атина.
На само 800 метри од „бранителите на Македонија“ кои исто така побараа референдум за прашањето за името во Грција, анархистите одржаа контрапротест. Иако далеку помалубројни, полицијата со автобуси ги оддели двете групи, за да спречи евентуални инциденти. На протестот на Синтагма учествуваа повеќе пратеници на опозициската Нова Демократија и поранешниот премиер Андонис Самарас, поткрепувајќи го тврдењето на дел од грчките медиуми дека протестот има поголема политичка димензија отколку патриотска.
Игор Трајков