
Масовен протест во Атина, 71,5 отсто од Грците не прифаќаат решение со терминот Македонија
Под огромно грчко знаме на Синтагма започна масовниот протест Македонија е грчка. На само 800 метри од нив контра протест на анархистите. 19.000 полицајци се распоредени за спречување на инциденти за време на протестите кои медиумите тврдат дека се повеќе политички отколку патриотски. Само неколку часа пред почетокот на протестот во Атина Катимерии објави истражување според кое дури 71,5 отсто од Грците сакаат решение без терминот Македонија. Истражувањето е спорведено од солунскиот универзитет Македонија и фондацијата ЕЛИАМЕП. Професорот Никос Маранѕидис и директорот на одделот за истражувања на ЕЛИАМЕП Јоргос Сиакас посочуваат на промена на расположението кај јавноста секогаш кога ќе се приближат владините позиции за името.
„Во споредба со неодамнешното минато кога прашањето не беше дел од политичката агенда, забележуваме важно зголемување на „бескомпромисноста“. Се чини дека кога прашањето се појавува интензивно во јавниот дијалог, јавното мислење усвојува една по нефлексибилна позиција“, пишуваат Маранѕидис и Сиакис.
Како дополнителен аргумент за противењето на Грците за евентуално сложено име со терминот Македонија, спроведувачите на истражувањето ја наведуваат убеденоста кај грчките граѓани дека западните организации и држави работат само во корист на Македонија.
„Процентот на оние што сметаат дека ЕУ, НАТО и основните партнери САД и Германија функционираат во корист на Грција е речиси занемарлив, од околу 5 отсто. Овој податок треба да загрижува, со оглед на тоа дека централен стратешки избор на грчката дипломатија е вршење притисок за решавање на спорот со ПЈРМ преку западните институции во кои учествува Грција“, се вели во истражувањето.
Според грчките медиуми денешниот протест ќе биде делумно за одбрана на името Македонија и делумно антивладин, додавајќи дека ова е тоа што во главно ја загрижува владата и ги дели сите партии, па дури и коалицискиот партнер на СИРИЗА, Независни Грци. Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите одржаа контра протест, кој започна два часа порано од оној за „Македонија“.
Игор Трајков