
Масакр во Ел Пасо – 20 жртви во вооружен напад во продавница на Волмарт
Најмалку 20 лица се убиени во најновиот инцидент на масовно убиство на луѓе во Соединетите американски држави .
Масакрот се случил во продавница на Волмарт во близина на трговскиот центар Сиело Виста во градот Ел Пасо, во сојузната американска држава Тексас.
Покрај убиените луѓе, уште 24 лица се ранети , меѓу нив и деца а медицинските тимови во блиските болници се обидуваат да ги спасат.
Еден млад маж е уапсен од полицијата и според сегашните информации, најверојатно само тој го извршил масовното убиство.
Американските медиуми го именуваа како Патрик Крусиус на возраст од 21 година, кој живеел во Далас.
Медиумите објавија и фотографија од напаѓачот, преземена од камерите во Волмарт, на која тој носи слушалки за спречување на бучава и во рацете држи автоматска пушка, со која и го извршил масакрот.
Според полициските информации, во моментот кога бил извршен нападот, продавницата на Волмарт била преполна со купувачи. Според сегашните информации, при апсењето на напаѓачот полицијата не испукала ниту еден куршум.
Како и секој пат при вакви крвави инциденти, типични за САД, каде правото на обичните луѓе да купуваат огнено оружје од секаков вид и без многу проверки се смета за недопирливо и уставно заштитено, политичарите едноставно изразуваат згрозеност и сочуство.
“Нашите срца се со жртвите на овој ужасен инцидент” – изјави гувернерот на Тексас, Републиканецот Грег Абот, кој пред 4 години ги потпиша и законите со кои во државата – бастион на конзервативците, го дозволи носењето огнено оружје на универзитетите но и т.к.н open carry, односно отворено носење огнено оружје во јавност.