
Малиот Алфи не дочека да ја напушти Алдер Хеј
23 месечниот Алфи Еванс почина во болницата Алдер Хеј речиси една недела откако лекарите го исклучија од апаратите за дишење. Родителите на Алфи, кому му беше дијагностицирана неизлечива дегенеративна неуролошка болест бараа од судот да им дозволи детето да го однесат во Италија на лекување, откако болницата покрена случај против нив.
„Вашиот аргумет за Алфи беше дека нема да издржи без апаратите за одржување во живот. Тоа беше целиот аргумент и поради тоа Алдер Хеј не тужеа“, вели таткото Том Еванс.
Алфи беше роден во мај 2016 година а во болницата Алдер Хеј беше примен во декември истата година и таму остана се до смртта. Лекарските анализи покажале катастрофална деградација на неговото мозочно ткиво и болницата препорача прекинување на лекувањето, тврдејќи дека не само што е залудно туку е и нечовечки, одовлекувањето на неизбежното. Во случајот се вклучи и Папата која издејствува на Алфи да му биде даден пасош за да продолжи со лекувањето во Италија, но судот во Ливерпул отфрли повеќе жалби од родителите и не им дозволи детето да го однесат во Рим.
„Мислам дека правната и медицинската професија во Обединетото Кралство направи ужасна грешка, затоа што животот не е збир на нашите искуства и храната, водата и воздухот не се исклучителна нега“, порача Ерик Хевет од Ватикан.
Родителите Том и Кејт обвинуваа дека Алфи е затвореник во болницата а случајот предизвика протести пред болницата, а неколку десетици демонстранти се обидоа на сила да влезат. Полицијата во Ливерпул отвори случај за протестите затоа што лекарите, медицинскиот персонал и сопствениците на болницата Алдер Хеј, пријавија дека им биле упатени закани од демонстрантите.
Игор Трајков