
Макрон: Ризикуваме европска граѓанска војна
На денот кога Македонија официјално и симболично се врати на патот кон ЕУ и европските вредности, Макрон оддржа историски и инспиративен говор пред европратениците.
„Пред авторитаризмот кој е насекаде околу нас, одговорот не е демократски авторитаризам, туку авторитетот на демократијата“.
Емотивен, на граница на страственост, со таа толку карактеристичка, француска потрага по честа, Макрон ја зема за рака Европа, која е во надолна линија.
Макрон веднаш ја фрла ракавицата кон евроскептиците, совранистите и веќе ослабената Меркел, и ја црта границата на идниот европски политички судир.
„Ова не се нормални времиња, сомнежите кон Европа се преголеми, и на површина испливува една европска граѓанска војна, но не треба да потклекнеме пред нелибералната демократија и националните егоизми“, ќе забележи Макрон.
„Мораме да го слушнеме бесот на луѓето во Европа. Не им требаат предавања, туку нов проект кој нуди секојдневна ефикасност. А тие кои тргуваат со бесот, кои го потхрануваат, ни ја предлагаат како иднина, слепата улица на национализам и поделби од минатото. Сме ги виделе резултатите и последиците од тоа“.
Макрон бара реформи, поголема интеграција, почнувајќи од реформирање на монетарната унија. И токму на ова поле го бележи отпорот на Меркел и на северните држави. Судрена со домашните поделби и притисоци, зарибаниот мотор на Меркел ја расипа германско-француската локомотива, па Макрон се обидува да прерасне во главен лидер. Но, патот е стрм и во угорнина, и токму затоа Париз се презентира како еден вид на гарант на демократска и прогресивна Европа, тој кој го брани Стариот континент од авторитарните авантуризми.
„Да структурираме следната година соодветна дебата, заснована на убедувања и предлози. Повеќе на можеме да делуваме како до сега. Тоа значи да се одбива да се разговара за Европа, праведната распределба на парламентарни места и обвинувања до Брисел и Стразбур за секое зло. Ова одбивање да се разговара за реформи е будалесто, можеби така е поудобно за сите нас, но така нема да се реши ниту еден проблем“, смета францускиот претседател.
Во Стразбур Макрон даде повеќе предлози образложувајќи ја својата визија за Европа. Поддржа привремен дигитален данок, кој би можел да стане постојан, отварање нов фонд за заедниците кои ќе примаат мигранти, нови закони за авторски права кои ќе ја заштитат европската култура и побара поставување на рамка за реформи во еврозоната.
Макрон доби критики за нападот врз Сирија, и со претеран патос, апелирајќи на судбините на децата, го бранеше хируршкиот напад. Во дебатата се соочи со критики, и една малку отровна стрела од комесарот Јункер, кој го потсети дека Европа не е само франко-германска, и дека за моторот да функционира потребен е придонесот од сите членки.
Патот е стрмен и тежок за амбициите на Макрон, и свесни за предизвикот европските „Зелени“, му подарија планинарско јаже. Искачувањето на врвот Европа, може да почне.
Ивор Мицковски