Макрон пред Конгресот: Откажете се од изолационизмот!

„Господине спикер, претседателот на француската Република“!

Американската романса на Емануел Макрон продолжува, но овој пат, индиректно обраќајки му се на Трамп, со слатки зборови и гестови наменети за американските пратеници, а со тоа и за американскиот народ.

Макрон оддржа лекција по мултилатерализам, мудро користејќи го вокабуларот на татковците на американската нација, со цел да го одврати Трамп од неговиот национализам и протекционизам, спакувани во неговиот слоган „Америка пред се“.

Макрон, прифатен со триминутни овации, одржа говор за длабокото пријателство меѓу двете Републики, точно 58 години после генералот Шарл де Гол. Го потсети Вашингтон дека двете нации се вкоренети во истата земја, истите идеали на американската и француската револуција, во вредностите на толаранцијата, слободат и еднаквите права.

„Се имаме борено рамо до рамо во многу битки, почнувајќи од оние од кои се изродија САД. Оттогаш, споделуваме заедничка визија за човештвото. Во 1778 година, францускиот филозоф Волтер и Бенџамин Френклин се сретнаа во Париз. Џон Адамс раскажува дека откако се ракувале, се прегрнале еден со друг и се бакнале на образите. Можеби ве потсетува на нешто“.

Така се пошегува Макрон за овие три дена, мошне тактилни со Трамп, кои говорат за пријателството и филингот помеѓу двајцата, но и за потајната борба за доминација.

Од шегите на сериозните теми. Макрон му испрати јасна порака на Трамп кој не беше во салата. Изолационизмот е закана, додека мултилатрализмот е единствена валидна опција за двете земји. Макрон го цитираше Рузвелт и неговата фамозна реченица, дека единстевеното нешто од што треба да се плашиме е самиот страв.

„Затоа, дозволете ми да кажам дека пред нас имаме две опции. Можеме да го одбереме изолационизмот, повлекувањето и национализмот, тоа е една опција. Може да ни биде примамлива како привремено решение за сите стравови, но затворањето на вратата кон светот, нема да ја запре еволуцијата на светот. Нема да ги стиша, напротив ќе ги разгори стравовите на сите граѓани“.

Почнувајќи од Вудро Вилсон, и неговите 14 точки, Макрон ги потсети американците, дека токму тие се основачите на мултилатерализмот, и дека меѓународната политика не може да се базира исклучиво на национални интереси, туку и на морални и идеалистични цели.

Макрон изрази надеж дека САД ќе се вратат на климатскиот договор и кон крајот на својот 40 минутен говор, се осврна и на Иран.

„Иран нема никогаш да поседува какво било нуклеарно оружје. Ниту сега, ниту за пет години. Ниту пак за десет години. Никогаш“.

Малку дипломатија, многу нежности, доволна жестокост на темите битни за Трамп, и којзнае, можеби Макрон ќе успее да го отвори уплашениот ѕид, создавајќи едно ново и атипично дуо, кое ќе владее на двете страни од Атлантикот.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ