Макрон поразен од Ле Пен на европските избори, но националистите остануваат малцинство во Европскиот парламент

Првичните резултати од излезните анкети на европските избори сугерираат дека стравувањата од поголем успех на крајно-десничарските националистички партии ширум Европа, засега не се остваруваат.

Според првичните резултати од гласањето, зголемениот одзив на гласачите, кој според проценките ќе биде над 50% на ниво на Европа, сепак не го донесе најавениот голем успех на евроскептиците и националистите.

Првичните анализи и очекувања за распоредот на силите во Европскиот парламент, навестуваат дека Европската народна партија и натаму ќе има најголем број пратеници, пред левата коалиција но двете најголеми политички групи ќе претрпат загуби и во новиот состав ќе имаат помал број пратеници.

Клучна улога во формирањето мнозинство се предвидува да има центристичката коалиција АЛДЕ, предводена од Ги Верхофштад, додека значителен успех бележат и зелените.

Најдобар резултат од партиите на радикалната десница, според најавите, ќе оствари Националниот Фронт на Марин Ле Пен во Франција, со освоени најмалку 23,2% од гласовите, повеќе од партијата Републиката напред на актуелниот преседател, Емануел Макрон. Ле Пен оцени дека Макрон добил силен шамар од французите и побара од него да го распушти Парламентот и да распише нови избори за законодавниот дом.

Ле Пен е дел од новата коалиција на европските националисти, заедно со италијанскиот политичар Матео Салвини. Сепак на овие избори, голем пораз претрпе партијата на Слободата на Герт Вилдерс во Холандија, каде историски најдобар резултат се предвидува за про-европската лабуристичка партија.

Во Германија, најмногу гласови има коалицијата на десниот центар на Ангела Меркел,со 27,5% од гласовите, социјалдемократите изгубиле голем процент од своите гласови на сметка на зелените кои на своето конто имаат 20,5% од гласовите, најмногу во својата историја.

Во Австрија, најмногу гласови освои партијата на актуелниот Премиер Себастијан Курц, кој најави целосна подршка за кандидатурата на Манфред Вебер од Европската Народна Партија за нов Претседател на Европската комисија.

Во Грција, најмногу гласови според излезните анкети има Нова Демократија пред Сириза, но министерката за финансии во владата на Ципрас, Ефтимија Ефтиму предупреди дека се уште е рано за славје на Нова демократија, велејќи: излезните анкети се како кобасиците, никогаш не сакате да знаете од што се направени.

Мандатот на актуелните европратеници ќе заврши на 1-ви Јули а новиот состав ќе ги заземе своите места во Стразбур наредниот ден.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ