
Макрон ќе се обиде да го обнови дијалогот Белград – Приштина
Српскиот министер за надворешни, Ивица Дачиќ подготвува репертоар од француски песни кои ќе му ги испее на францускиот претседател Емануел Макрон, кој е во дводневна официјална посета на Белград. „Ако имам можност ќе му ја испеам Шанзелизе“, рекол Дачиќ кој е познат во дипломатските кругови како забавувач за време на неформалните прослави.
Франција ќе се обиде да се врати во регионот на Балканот се денешните наслови на француските медиуми, кои ја објаснуваат целта на посетата на нивниот претседател на Србија. Се очекува Макрон да биде т.н. тешкаш во дијалогот Белград – Приштина, кој е во застој, а ги забавува и евро-интегративните процеси на Србија. Се чини дека и Вучиќ и Макрон се ЗА решение кое се заснива на размена на територии, но на тоа се противи Берлин, стравувајќи од повторна ескалација на национализмот. Оваа размена на територии би значела и создавање на едноетнички држави, оценува угледниот весник Фигаро. Колку ќе може Макрон да делува за да ги врати Вучиќ и Тачи на преговарачка маса, останува да видиме, бидејќи за напредокот на ова прашање се потребни Америка и цела Европа. Сепак, тој доаѓа со неколку предлози. Ако успее да го активира дијалогот, всушност ќе му се исполни целта – а тоа е дека ЕУ треба да се стабилизира од внатре за да мозе да прима и нови членки, кои своите конфликти не би ги влеале во новото семејство.
-ЕК имаше големи замерки за сите земји на Западен Балкан, а кога е Србија во прашање, тука се гледа дека има големи недостатоци за независноста на судството, владеењето на законите, битката против корупцијата…Франција се нуди да и помогне на Србија да го прилагоди својот модел за влез во ЕУ со тоа што ќе ги отстрани овие недостатоци, и трета работа е секако прашањето со Косово. Велат дека тоа е експлозивно досие, кое мора да се среди пред Србија да влезе во ЕУ, смета Драган Благојевиќ, дописник на агенција Бета од Брисел.
Вучиќ сепак ќе треба да го убеди својот гостин дека Србија сега е поинаква земја, иако од декември се одржуваат масовни протести на кои граѓаните бараат слобода и осуда за непотизмот. Но, освен што Дачиќ ќе му пее песни, за Макрон е подготвен луксузен дочек, што веројатно ќе му годи , бидејќи себеси се смета за многу повеќе од неговите претходници, велат аналитичарите. Ова е прва посета на француски државник на Србија по 18 години, кога Белград го посети Жак Ширак.
Но, француско-српското пријателство потоа беше ставено во големо искушение, најмногу поради бомбардирањето на НАТО, а потоа и брзото француско признавање на независноста на Косово.
Алиса Шутиноска