Макрон го украде шоуто во Давос, и си замина пред Трамп

Челичниот закон на Давос вели дека ништо не се остава на случајот и дека тука владее една невидлива рака која ја регулира хиерархијата на моќта и нејзината видливост.

Никој не е на исто рамниште во Давос, некој е секогаш погоре или подоле од останатите. Ако сакате да добите впечаток за меката моќ во светот, моќта на привлечноста кај лидерите, тогаш погледнете ја минутажата на нивните говори.

Само најважните добиваат право на говор пред големата конгресна сала и времето на располагање никогаш не е исто. Како на времето на советското Политбиро, минутажата на говорот кажува кој е во подем, а кој пад.

Макрон вчера го проби максималниот праг од 45 минути, повеќе од Меркел, исто колку што утре ќе се обрати и Трамп.

Макрон си зема дополнителни 20 минути, а само толку време доби една Тереза Меј или шармантниот Трудо, за да го најави својот подем, и францускиот камбек на глобалната сцена.

„Кога преземате ризици, потребна ви е награда, потребно е да го намалите ризикот од неуспех. Тоа е голема промена ако сакате да успеете во актуелната средина и тоа е промената која ја правиме во Франција бидејќи Гранција е земја на претприемачи, таа е нација на луѓе кои сакаат ваков вид на ризици и мислам дека се направи големи грешки во тој поглед кога ќе ја погледнете нашата историја. Затоа дами и господа, моја прва порака е дека Франција се враќа. Франција се враќа во сржта на Европа“, најави Макрон.

Ерата на Меркел во Европа полека се архивира, Макрон е човекот на моментот и иднината. Сите видни личности од него чекаат како да ја интепретираат иднината. Го слушаше шефицата на ММФ Кристин Лагард, шефот на Обсе Ангел Гуриа, кралот Филип на Шпанија, шефот на англиската банка, сите битне и сета придружна монденска свита.

Во Давос каде овој пат се санкционира пикот на глобализацијата, доминира изолационизмот на Трамп и западниот повеќе од алармиран, го слави разводот помеѓу демократските општества и економскиот либеризам, Макрон е единствениот кој говори за обединување и повеќе Европа.

Демократијата се уназадува во светот, популизмите и национализмите растат, а сепак и во такви услови сведоци сме на економска еуфорија и геополитичка рецесија. Пазарите не се плашат повеќе од недемократски средини. Америка на Трамп е во економски подем каков не сме виделе со децении. И во таа демократска рецесија, Макрон е малку срамежлив во критиките кон Доналд. Се враќаме кон еден мултиполарен свет, и секој гледа да создаде правила на игра само за себе. Франција не е исклучок, па прашањето е дали во идеите на Макрон, навистина има место и за повеќе Европа.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ