Македонските уметници донираа 70 дела за Атина

Стравотниот пожар во областа Атика во Грција кој однесе 91 живот, а двесте луѓе се водат за исчезнати беше повод македонските уметници на иницијатива на графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула да започнат хуманитарната акција „Донирај уметност“ во која беа собрани 70 уметнички дела. Во собраната збирка има графики, масла на платна, акварели, цртежи, неколку скултптури, дигитални илустрации и фотографии. Самата акција веднаш по објавениот фб статус на Кардула се одвивала со неверојатна брзина.

„Прво ужасно беше самото тоа што се случило во Атина, а потоа кога пиша фб статус Зоран Кардула веднаш се јавив прв да донирам, потоа се јави другиот Зоран и така се редеа и се наредија скоро седумдесет осумдесет уметници“, вели уметникот Урош Вељковиќ.

„Посебно ми е драго затоа што да речеме се наоѓаме во еден чувствителен период и еден тежок период помеѓу односите на една и друга држава, така што дополнително поради ова е добро да покажеме што чувствуваме и подаруваме во овој момент“, смета уметникот Зоран Шеќеров.

„Токму еден ваков настан ќе не потсети дека сите сме луѓе дека сите имаме интерес да живееме среќно да се бавиме со уметност и да се радуваме да споделуваме знаење. За жал еден ваков настан ќе не потсети дека ние сме соседи, ние сме пријатели, ние сме другари, луѓе“, вели уметникот Дејан Џолев.

Чувството за солидарност и хуманоста на грчките уметници кои донирале дела на Музејот за современа уметност по катастрофалниот земјотрес во Скопје 1963 –та година била првата мисла на нашите уметници за да се вклучат во оваа акција.   47  дела кои ги донираа 34 грчки уметници во знак на солидарност за скопскиот земјотрес се изложени во МСУ и јавноста ќе има можност да ги види до септември.

„Главниот „виновник“ за оваа извонредна колекција е Јанис Гаитис  уметникот кој и ја посетувал Македонија и бил трогнат од случувањето во Скопје и тој самиот пред се има подарено седум дела, а потоа ги ангажирал посебно актуелните уметници во тоа време во Грција“, изјави Марика Бочварова Плавевска, МСУ.

Делата кои ги донираа македонските уметници за Атина во знак на солидарност ќе бидат изложени најпрво пред домашната јавност кон крајот на август или почетокот на септември во соработтка со Град Скопје кој воедно и официјално потврди  дека ја прифаќа донацијата и ќе ги сноси сите трошоци за испраќањето  на делата на македонските уметници до Атина.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ