Мајк Помпео имал тајна средба со Ким Џонг-Ун

Директор на ЦИА во заминување Мајк Помпео, за време на велигденските празници заминал во тајна посета на Северна Кореја каде се сретнал со лидерот Ким Џонг-ун. Целта на средбата била да се постават основи за директни преговори меѓу Трамп и Ким за севернокорејската нуклеарна програма. Американскиот претседател вчера изјави дека се преговара со Северна Кореја на многу високо ниво.

„Исто така започнавме да разговараме директно со Северна Кореја. Имавме директни разговори на многу високо ниво, највисоко ниво САД со Северна Кореја и навистина верувам дека постои многу добра вољја, многу добри работи се случуваат“, вели Трамп.

Многу малку детали се познати во јавноста околу тајната средба на Помпео, кој заминал за Северна Кореја неколку денови откако беше номиниран за Државен секретар на местото на Рекс Тилерсон. Белата куќа не го коментираше обелоденувањето на средбата, но Трамп посочи дека преговорите за неговата средба со Ким Џонг Ун напредуваат добро.

„Се уште немаме одбрано место, но избравме пет локации каде може да се одржи. Многу брзо ќе ве известиме и ќе видиме што ќе се случи. Или ќе имаме многу добар состанок или нема да имаме добар состанок и можеби воопшто нема да се сретнеме, се зависи од тоа што ќе се случува, но мислам дека имаме одлична шанса да решиме светски проблем“, рече Трамп.

Двете страни се надеваат дека средбата ќе се одржи на почетокот на јуни, двете држави до сега немаа официјални дипломатски односи, што претставува тешкотија во организирањето на средбата. Според медиумите во САД, најпосакуваниот исход од американска перспектива, би бил двајцата лидери да се договорат за конечно затварање на севернокорејската нуклеарна програма.

Игор Трајков

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ