
„Ловци на вештерки“ селекторан на филмскиот фестивал „Санденс“
„Секој има шанса да ги искачи скалилата во животот за прв пат“ е слоганот на филмот „Ловци на вештерки“ кој по светската премиера на филмскиот фестивал во Торонто продолжува со фестивалскиот успех на еден од најголемите филмски фестивали посветен на независниот филм – „Санденс“. „Ловци на вештерки“е српско- македонска копродукција во режија на Рашко Миљковиќ, копродуценти се Јована Караулиќ, Стојан Вујичиќ и Огнен Антов.
- Санденс е еден од шесте фестивали од А категорија во светски рамки покрај Кан, Берлин, Венеција. Значи влегувањето на Санденс е еден огромен успех за македонската кинематографија, затоа што веќе се препознаваат резултатите од изминатите години, веќе Македонија има со што да се пофали, вели Антов.
Ваквите филмови уште еднаш потсетуваат на важноста на детската имагинација, моќта на сказните не само за најмладите, туку и возрасните во соочувањето со физичката попреченост, стереотипите, предрасудите и надежта да се верува во Суперхерои.
- Најтешко е да се качат неколку скалила во животот, токму за тоа и зборува „Ловци на вештерки“. Најважно е дека имаме детски филм ќе го крстам детски, иако е семејно – детски филм кој што можеби ќе го отвори патот за други семејно- детски филмови, затоа што тоа е глобална светска тенденција кон каде водат одредени жанрови и одредена кинематографија, смета Антов.
Филмскиот фестивал Санденес на кој ќе биде прикажан „Ловци на вештерки“ го основаше Роберт Редфорд во 1981 година и има за цел да ја поврзува публиката со уметниците во разгорување на нови филмски идеи и оригинални приказни.
Нина Стефанова