Лоренци: „Илијада“ говори за тоа како се раѓа фашизмот

Гордоста која се надминува себеси, суетата, желбата за моќ, недостигот на емпатија, вистински дијалог на различности и сочувство за другиот се клучните аспекти кои секогаш ќе ја прават Хомеровата „Илијада“ да биде актуелна вели словенечкиот режисер Јернеј Лоренци.

„Знам дека тоа чувство дека ќе живееме вечно, дека нема да умреме и дека сме богови е многу опасно. И знам дека тоа е опасно и присутно во сите земји во Европа и светот. Повторно враќајќи се назад кон нови видови национализам и фашизам и „Илијада“ говори токму за тоа како се раѓа фашизмот. И сега цела Европа и цел свет е полн со нов фашизам и тоа мене ужасно ме плаши“, вели режисерот ЈЕРНЕЈ ЛОРЕНЦИ.

Со оваа претстава Лоренци низ ликовите во „Илијада“ ја разоткри суетата, нефункционирањето на системот  и на кој начин таа суета денес  можеме да ја препознаеме во различни сфери, смета режисерот Александар Поповски.

„Првенствено во тој политички свет, во управувањето, владеењето со луѓето, иако денес имаме суета на сите нивоа. Најчест збор меѓу различни луѓе е зборот неправда, значи во светов има огромна количина на неправда. Сите зборуваат за неправда овој ми направи ова, оној ми направи  она, а всушност тоа говори за нефункционирање на институциите, кои што ја регулираат неправдата“, изјави АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ, драмски селектор на „Охридско лето“.

Со театарската претстава „Илијада“ според истоименото дело на Хомер во режија на Јернеј Лоренци во Античкиот театар вечерва свечено ќе биде затворено годинашното Охридско лето. Копродукцискиот проект на Словенечки народен театар, Цанкариев дом и Градски театар е уште една можност јавноста да ги разоткрие вонвременските вредности на Хомеровата „Илијада“.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ