
Лекај: Владата може да падне, но таксата кон Србија нема да се укине
Министерот за инфраструктура на Косово, Паљ Лекај порача дека таксата од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина нема да се укине, дури ниту по цена да падне Владата на Рамуш Харадинај.
Лекај во синоќешното интервју за КТВ рече дека е неприфатливо продолжувањето на дијалогот меѓу Приштина и Белград да се условува со укинување на таксата, затоа што дијалогот и во минатото се одвивал, и покрај санкциите, што Србија ги спроведуваше кон Косово.
Ние бевме конструктивни и покрај тоа што Србија не имплементираше ниту еден од постигнатите договори. Бевме во дијалогот и покрај кршењето на договорите од страна на Белград. Нема да ја укинеме таксата и во тоа сме решени. Ако треба и на избори ќе одиме, но таксата ќе остане, изјави Лекај.
Тој го поддржа ставот на премиерот Харадинај против идејата на претседателот на државата Хашим Тачи за размена на територии со Србија.
Харадинај го штити Уставот, ја штити Владата и граѓаните на Косово. Сега за сега нема некаков документ и јас не верувам дека Тачи може да потпише нешто што не е засновано на Уставот на државата, изјави Лекај за приштинската телевизија.